Макс Ферстапен од вечерва и официјално е нов шампион во Формула 1, откако ФИА ја потврди неговата победа на трката во Абу Даби, со која асот на Ред Бул го остави зад себе Луис Хамилтон и стигна до првата титула во кариерата.
Холанѓанецот во драматичен финиш во последниот круг го мина Хамилтон за да стигне до победата, но тимот на Мерцедес веднаш по трката испрати две жалби до ФИА, првата за наводно „нелегално претркување додека безбедносното возило уште било на патеката“, а втората за одлуката на стјуардите и директорот на трката безбедносното возило да се повлече во последниот круг и да овозможи трка до самиот финиш.
ФИА ги сослуша двете страни за двете жалби на Мерцедес, по што вечерва донесе одлука – двете се отфрлени, со што го означи почетокот на славјето во Ред Бул, за првата титула на овој тим по пауза од осум години.
„Макс е новиот шампион. Сега се е завршено и можеме да одиме да прославиме“, изјави тимскиот шеф Кристијан Хорнер веднаш по објавата за одбиените жалби на противничкиот тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА