Сега и официјално: Чаби Алонсо е наследникот на Анчелоти на клупата на Реал Мадрид

Карло Анчелоти вчера се збогуваше од Реал Мадрид, а „кралевите“ денеска и официјално го потврдија она што веќе беше познато – Чаби Алонсо ќе биде новиот кормилар на најтрофејниот европски колектив.

Алонсо пред неколку седмици објави дека си заминува од Баер Леверкузен, беше јасно дека Реал ќе биде неговата следна дестинација во тренерската кариера, откако со успех ги бранеше боите на шпанскиот гигант и како играч. Реал со официјална објава на клупската веб-страница потврди дека токму Алонсо ќе биде наследникот на Анчелоти, откако беше договорена тригодишна соработка со поранешниот фудбалер на Ливерпул.

„Можеме да потврдиме дека Чаби Алонсо ќе биде тренер на Реал Мадрид во следните три сезони, од 1 јуни 2025 до 30 јуни 2028. Чаби е една од легендите на Реал Мадрид и на светскиот фудбал. Тој одигра 236 средби за нашиот клуб од 2009 до 2014 година, период во кој освои шест титули, најзначајна секако беше десеттата европска круна во Лисабон.

Чаби ја почна и тренерската кариера во нашата младинска академија, водејќи ја У14 екипата, при што ја оссвои титулата во Шпанија, како и европскиот шампионски турнир за оваа возраст. Сега, тој се враќа во Реал како еден од најдобрите тренери во светот, откако испиша историја со Баер Леверкузен. Официјалната презентација на Чаби Алонсо ќе се одржи утре (26 мај) со почеток во 12.30 часот“, се вели во соопштението на Реал Мадрид.

Се вчитува...