Сега и официјално: Џирона му посака добрeдојде на Миовски

И официјално, Бојан Миовски е нов член на шпанска Џирона. Македонскиот напаѓач потпиша договор со шпанскиот тим до 2028 година. Тој доаѓа од Абердин, а веќе од утре ќе почне со тренинзи во новиот тим.

Миовски вчера попладне во Џирона најпрво успешно ги мина лекарските прегледи во клубот по што доцна синоќа потпиша четиригодишен договор со тимот кој е во системот на гигантот Манчестер сити.

Досегашниот клуб на македонскиот напаѓач, шкотски Абердин, од трансферот доби 8,5 милиони евра што е и нов рекорд за клубот. Досегашниот трансфер-рекорд на Абердин беше оној на Калвин Ремзи кој за 4.9 милиони евра премина во редовите на Ливерпул.

Миовски ја почна професионалната кариера на 18 годишна возраст во Брегалница. Потоа мина во Работнички, Македонија ЃП и Ренова, пред да се приклучи на МТК во Унгарија 2020 година. После две години во Унгарија, се сели во Шкотска, каде што во последните две сезони едноставно „експлодираше“. Тоа беше доволна препорака на шпанската екипа, која ќе игра во ЛШ да го ангажира.

Миовски ќе биде замена за Артем Довбук кој направи трансфер во Рома.

Македонскиот репрезентативец има одиграно 23 настапи за селекцијата на Македонија.

Се вчитува...