Сега и официјално: Гатузо си замина од Хајдук

Џенаро Гатузо и официјално повеќе не е тренер на Хајдук, соопшти вечерва сплитскиот прволигаш преку соопштение до јавноста. Хајдук прокоцка златна шанса да го прекине постот без шампионски трофеј во Хрватска, за големиот пад во формата во последните два месеца вината се бараше кај Гатузо, по што италијанскиот стратег реши да си замине.

Двете страни неколку дена разговараа околу условите за прекинот на соработката, за вечерва да биде официјализирано дека Хајдук во новата сезона ќе влезе со нов тренер.

„Хајдук постигна спогодба за раскин на договорот со тренерот Џенаро Гатузо, кој заминува од „Пољуд“ со своите помошници Луиџи Ричи, Роберто Пероне, Бруно Доминичи, Дино Тендерини и Марко Сангермани. Тој ја презема екипата во летото 2024 година, а под негово водство Хајдук го освои третото место во лигата. Гатузо го водеше Хајдук на вкупно 43 официјални средби, при што имаше скор од 20 победи, 14 реми и 9 порази. Гатузо искористи вкупно 37 играчи на овие натпревари“, се вели во соопштението на Хајдук.

Хрватските медиуми најавуваат дека веќе е договорен и новиот стратег што ќе пристигне на „Пољуд“, Шпанецот Гонзало Гарсија кој во минатата сезона го водеше хрватскиот прволигаш Истра.

Се вчитува...