Тотенхем ќе води клучна битка за трофејот во Лигата на Европа против Манчестер Јунајтед, меч во кој влогот е билет за ЛШ за следната сезона, но тренерот Анге Постекоглу се соочува со огромни главоболки во пресрет на ова финале.
Џејмс Медисон уште пред извесно време беше загубен до крајот на сезонава, а на последниот меч со Кристал Палас тешка повреда заработи и Дејан Кулушевски, кој мораше да биде заменет по помалку од 20 минути игра.
Веднаш беше очигледно дека проблемот на шведскиот крилен офанзивец не е нималку наивен, а денеска стигна и официјална потврда – Кулушевски морал да биде опериран и дефинитивно нема да може да се врати на терените до крајот на оваа натпреварувачка сезона.
„Можеме да потврдиме дека Дејан Кулушевски заработи повреда на десната чашка на коленото за време на мечот со Кристал Палас. По деталните прегледи, овој фудбалер денеска беше опериран и наскоро ќе почне со рехабилитациската програма. Со тебе сме, Деки“, објави Тотенхем.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

