Веќе нема никакви дилеми, Јанис Сферопулос од денеска повеќе не е тренер на Црвена Звезда откако грчкиот стратег доби отказ од функцијата што ја извршуваше повеќе од две години.
Тој ја плати цената за слабиот старт на сезоната и трите порази во низа (два во Евролигата, еден од АБА, дома против Задар), што надополнето со слабиот финиш на ланската сезона беше причина за управата да му врачи отказ на Сферопулос.
„По заедничкиот состанок на претседателот Дрчелиќ, генералниот менаџер за спортскиот сектор Мила Томиќ и досегашниот тренер Јанис Сферопулос донесена е одлука господинот Сферопулос повеќе да не ја извршува фукцијата шеф на стручниот штаб во нашиот клуб. Одлуката е донесена со единствена цел – бидејќи тоа е во најдобар интерес на КК Црвена Звезда. Му се заблагодаруваме на Сферопулос за се што направи и за господското однесување на теренот и надвор од него“, се вели во соопштението на Црвена Звезда.
„Црвено-белите“ објавија дека екипата на утрешното гостување против Фенербахче ќе ја предводи досегашниот асистент Томислав Томовиќ. Главен кандидат за нов тренер е Саша Обрадовиќ, кој би требало да ја преземе оваа функција по враќањето на тимот од гостувањето во Истанбул.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

