Сега и официјално: Воркапиќ е нов „вардарец“

Вардар од денеска и официјално е посилен за Вукашин Воркапиќ, српскиот репрезентативец кој потпиша договор со македонскиот ракометен гигант на две и пол години.

„Црвено-црните“ имаа договор со Воркапиќ за трансфер по завршувањето на сезонава, но финансиските проблеми на Војводина придонесоа десното крило порано од првичниот план да го напушти Нови Сад и да се приклучи на тимот предводен од Иван Чупиќ.

Дебито на новиот Србин во редовите на Вардар се очекува веќе утре, на градското дерби со тимот на Алкалоид.

„Ракометниот клуб Вардар со задоволство ја потврдува официјалната соработка со српскиот ракометар Вукашин Воркапиќ кој сега е дел од нашата екипа на позицијата десно крило. Тој се обврза на клупска верност до крајот на натпреварувачката 2027/2028 сезона.

Воркапиќ (28), роден во Белград, е искусно десно крило и член на српската репрезентација, со богата кариера во европски ракомет. Пред доаѓањето во Вардар, тој играше за Војводина, каде беше еден од клучните ракометари, настапувајќи во домашниот шампионат, Куп натпреварите и во ЕХФ Лигата на Европа.

Во својата кариера, Воркапиќ го носеше и дресот на Металопластика од Шабац како и во францускиот тим Иври, стекнувајќи значително искуство на високо ниво.

Тој е и репрезентативец на Србија со настапи на Светски првенства, каде што со националниот тим ја претставуваше земјата на највисоко ниво на меѓународна сцена. Беше дел и од последното ЕП во Данска каде постигна 6 гола од 7 упатени шута.

Воркапиќ е сега официјално регистриран и може да настапува за РК Вардар , и со нетрпение го очекуваме неговиот придонес во продолжението од сезоната и во европските предизвици!

Добредојде во Вардар, Вукашин“, објавија „црвено-црните“ на својата официјална страница.

Се вчитува...