Екс-кошаркарот на Лос Анџелес лејкерс, Коби Брајант, додаде уште една награда во својата колекција, но, сосема различна од оние кои ги освоил во својата кошаркарска кариера. Петкратниот НБА шампион ноќеска освои и Оскар, поточно неговиот краткометражен филм „Драга кошарко“, ја доби наградата за најдобар краток анимиран филм на јубилејното 90. издание на популарните филмски награди.
Брајант е автор на самиот филм, поточно на писмото „драга кошарко“ од кое произлезе анимацијата. Поранешниот „езерџија“ во 2015 година преку тоа писмо најави дека ја завршува кариерата, а со помош на режисерот Глен Кин, писмото „заживеа“ му донесе одличје на Брајант кое со сигурност ќе го цени како и останатите кои ги собрал во неговата богата кариера.
„Не знаев дека ова е возможно, како кошаркар работата ми беше само да тропкам со топката и да шутирам во кош, но мило ми е што освојувам и на малку поинаков терен. Ова е голема чест, благодарам на Академијата, им благодарам на сите кои работеа на овој филм, благодарам на моето семејство кое ме поддржуваше, и пред се ме инспирираше да направам вакво нешто“, истакна Коби.
Во 20-годишната НБА кариера, Коби пет пати беше шампион, во 2008 година беше прогласен за најкорисен кошарка, два пати беше најкорисен играч во финалните пресметки, додека 18 пати настапи на „ол-стар“ натпреварите на кои четири пати заврши како најдобар поединец. Од лидер во поени, до титула во атрактивни забивања, а сега во трофеј-кабинетот на Брајант ќе стои и статуетката „Оскар“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА