По една преспиена ноќ, се уште огромно е разочарувањето во македонскиот табор, по новиот убедлив пораз на СП во Краков. Повторно се потфрли со прикажаната игра, но никако не смее да се заборави фактот дека Македонија не е елиминирана, туку пред себе го има „финалето“ со Аргентина на кое победата значи и пласман во главната фаза.
Селекторот Кире Лазаров најавуваше брза игра на нашиот подмладен состав, но не успеа да го наметне тој ритам против атомските селекции на Норвешка и на Холандија. Тој не го крие разочарувањето, но и порачува дека ќе стори се за во клучниот меч да видиме една поинаква Македонија.
„Работиме напорно, навистина напорно. Можам да кажам дека атмосферата во тимот е одлична… во наше време кога ние правевме резултати немавме добра атмосфера во тимот, но се броеја победите. Сега е обратно, дефинитивно не е се во атмосферата, но работиме напорно за да ги израдуваме навивачите. Се тренира напорно, верувајте, напредуваме, но напредуваат и сите останати, затоа ќе мора да работиме уште повеќе за да го следиме тој тренд. Сега не е време да се бараат виновници, ние дојдовме овде за да се пласираме во втората фаза и пред нас е мечот за кој се очекуваше да биде клучен – дуелот со Аргентина. Целиот фокус мора да биде на тој натпревар, да биде пронајден начин да победиме и да си обезбедиме уште три силни натпревари, против Германија, Србија и против Катар. Тоа е желба на сите во репрезентацијата и ќе сториме се за да ја оствариме“, изјави селекторот Кире Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА