Сегашноста и иднината на мак-ракометот: Серафимов тргнува по стапките на Кире Лазаров

ЕКИПА во Минхен,

Стеван Цаневски

Минаа 20 години од мундијалското деби на Кире Лазаров, кога нашиот „бомбардер“ дебитираше на СП во Египет во 1999 година. Минутажата не беше преголема, Лазаров постигна и неколку погодоци, но искуството што го доби беше драгоцено.

„Искрено верувам дека фактот што во тој момент добив доверба од селекторот и поддршка од поискусните ми беше од огромна помош во тој дел од кариерата. Можеби ќе беше подобро ако една година порано, на ЕП во Италија ми беше укажана шанса наместо на еден од двајцата натурализирани играчи, Мандиќ и Новокмет, но јас во секој случај го паметам тоа СП во Египет како многу значаен дел од мојата кариера“ – истакнува нашиот капитен.

Дваесет години подоцна, на СП во македонскиот дрес на десен бек дебитира ново голобрадо момче во кое јавноста со право препознава потенцијал еден ден да биде достоен наследник за Лазаров. Станува збор за Мартин Серафимов, десниот бек на Металург кој лани настапуваше за кадетската и за младинската репрезентација, а сега излегува на терен на мегдан на еден ракометен Мундијал.

 

„Мартин Серафимов е голем талент што работи напорно. Водејќи се по мојот пример, не се сомневам дека овој Мундијал ќе биде од огромна помош за него за да продолжи да чекори напред во кариерата. Без оглед колкава минутажа ќе добие до крај, самата можност да се биде дел од едно СП, да се работи со тренер како Раул Гонзалес, според мене Серафимов, но и другите млади ракометари на крајот од Мундијалот ќе бидат барем 20% подобри играчи отколку што беа претходно“ – вели Лазаров.

Среќата што е дел од составот на Македонија на СП 2019 не ја крие ниту младиот Серафимов.

„Немам зборови да опишам колку ми значи што сум овде, благодарен сум за довербата што ми ја дава Раул. Имам можност да играм против врвни противници, но исто така и да тренирам со соиграчи со неверојатно искуство. Огромна чест за мене е што крај себе го имам Кире Лазаров, од кого добивам драгоцени совети што се многу корисни. Клучно сепак е многу да се работи, интензивно да се тренира, бидејќи работата секогаш го победува талентот“ – истакнува Серафимов.

Се вчитува...