Македонскиот ракометен вицепрвак Еурофарм Работник направи сензација победувајќи го славниот Веспрем во Битола со 26-24 во регионалната СЕХА – лигата. Пред полни трибини во салата „Боро Чурлевски“, мотивираниот состав на Стевче Алушовски одигра фантастично прво полувреме и по 30 минути водеше со 14-8. На голот блескаше репрезентативецот Никола Митревски кој имаше 11 одбрани и тоа овозможи неколку лесни голови за домашниот тим.
Веспрем многу посериозно влезе во вториот дел, Гајиќ беше главниот реализатор, унгарскиот состав израмни на 19-19 со голот на Нилсон во 47.минута, но потоа повтор но следеше серија од три гола за Еурофарм Работник. Беше неизвесно до крајот, но битолскиот тим на крајот сепак оствари заслужен триумф.
Ловро Јотиќ постигна осум гола во победничкиот тим на Еурофарм Работник, а Невен Стјепановиќ дополни пет. Кај Веспрем единствен расположен ракометар беше Драган Гајиќ со девет постигнати гола. Македонскиот репрезентативец Дејан Манасков беше стрелец на три погодоци.
Следниот предизвик на тимот на Алушовски во СЕХА е гостувањето кај ППД Загреб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА