ЕКИПА во Брест,
Катерина Павлова Николовска
Подобрата сезона, но и подобрата традиција, како и поголемите успеси во натпреварувањето се показател за тоа кој има поголеми шанси, но не се апсолутен аргумент кој пресудува за победникот во битка за титула.
Македонскиот ракометен првак, Вардар од позиција на најуспешен во СЕХА лигата, со четири титули и седум финалиња, со победнички биланс во осминафиналниот двомеч и со повеќе победи сезонава во меѓусебните дуели влегува во финалето од регионалното натпреварување против Загреб на Ф4 турнирот што се одржува во Брест (19 часот).
До финалната пресметка екипите имаа различни полуфинални патишта. Загреб повеќе рутински го доби мечот со Нексе, додека Вардар имаше драстично потешка задача против амбициозниот домаќин Мешков.
Хрватскиот тим има екстра мотивација за одмазда со оглед дека Вардар го елиминираше пред само една седмица од Лигата на шампионите и тоа со триумф на негов терен во првиот меч со високи девет гола разлика. Реваншот во Скопје беше само рутина.
Скопските „црвено-црни“се во обид да врзат серија од три последовни титули во регионалното натпреварување. Во историската 2017 во финалето го победија Веспрем, додека минатата година во Скопје до титулата дојдоа токму со победа против Загреб. Ако победи, Вардар ќе ја освои петтата титула.
Во единствената претходна финална пресметка во СЕХА во 2013 година, Вардар во Скопје загуби од Загреб. Тоа е и едниствениот трофеј што го има хрватскиот првак во регионалното натпреварување. Загреб го има и триумфот од 2014 година од натпреварот за третото место. За Вардар ова е седмо финале, за Загреб трето.
Претходно во натпреварот за третото место (16.30) ќе се соочат домашната екипа Мешков и дебитантот на Ф4 турнирите Нексе.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА