Во последниот натпревар од СЕХА лигата пред домашната публика, Металург го победи Горење со 28-25 . За избраниците на Лино Червар ова е во петта победа во 16 одиграни мечеви во регионалното натпреварување, а за Горење 11 пораз во 15 натпревари. Натпреварот без посебно резултатско значење и за двете екипи, во поголемиот дел мина во изедначена, но релативно мирна игра. Горење ја имаше инцијативата и на двапати пет гола позитива, но Металург успеваше да стигне и да анулира, а на крајот и заслужено да доминира и со победа да го заврши настапот во СЕХА пред својата пубвлика во „Борис Трајковски“
По минималното водство на Металург од 3-2 по првите пет минути од натпреварот, ракометарите на Горење направија серија од 5-0 и го презедоа водството и иницијативата на терен. „Металурзи“ тешко ја пробиваа одбраната на гостинскиот тим и шест минути беа без реализација, а Горење на средината од првиот дел се одлепи на 5-9.
Но, по периодот на доминација на словенечкиот тим, проработе бековската линија на „сините. Со двата погодоци на Мартин Велковски и еден на Немања Обрадовиќ, Металург се врати во игра намалувајќи ја негативата на гол разлика (8-9). Дополнителна сигурност во играта на Металург внесе и голманот Дарко Арсиќ кој на 11-12 му одбрани седмерец на Нико Медвед, а Вања Илиќ на спротивната страна погоди за ново изедначување на 12-12 на пет минути пред крај на првиот дел. Серијата гол за гол заврши со цепелин и погодок на Лука Митровиќ во последните секунди за минимална предност на Горење на полувремето со 13-14.
Серијата од 5-0 на стартот од второто полувреме му донесе солидна предност на словенечкиот тим и водство од 16-20 по првите десетина минути. Металург направи неколку грешки, а Горење брзо казнуваше. Во неколку наврати го искористи и празниот гол на Металург кога домаќинот играше со седум играчи во напад и со лесни голови ја одржуваше предноста. Но, исто како и во првиот дел, Металург успеа да се врати и да ја анулира негативата. Мартин Томовски за петнаесетина минути забележа четири интервенции, а Металург постигна четири гола во серија и со погодокот на Стефан Дрогришки дојде до ново изедначување на 23-23 на девет минути пред крај. Работите се свртеа во последните минути кога Горење грешеше, а Металург казни со водство од 25-24 со погодокот на Вања Илиќ од контра. Во серијата грешки на Горење, Матјаж Брумен додаде и промашен седмерец за изедначување. Металург ја искористи шансата и овој пат „сините“ беа тие што казнуваа“. Филип Кузмановски со погодок од цепелин го однесе Металург на +2 (26-24) и практиќно го реши победникот. Во финишот Горење постигна уште еден, а Металург ја запечати победата со завршните два гола на Марко Нелоски за конечните 28-25.
Вања Илиќ беше најефикасен во Металург со седум погодоци од седум обиди, а по пет голови постигнаа Филип Кузмановски и Немања Обрадовиќ. Кај Горење, Грегор Поточни постигна осум, а Лука Митровиќ додаде пет гола.
До крајот на регуланиот дел во СЕХА лигата, на „металурзи“ им остануваат уште два гостински натпревари против Извиѓач и против Нексе.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА