Еурофарм Пелистер им се приклучи на Веспрем, ППД Загреб и Нексе на Ф4 турнирот во Задар откако славеше во Битола против Мешков Бест по изведување на пенали со 27-26. Белорусите се спасија од пораз во последната секунда од регуларниот дел, но среќата беше на страна на македонскиот тим во пенал-рулетот.
Отварањето на натпреварот беше во знакот на Еурофарм Пелистер кој преку разноврсната игра во нападот поведе со 4-1. Добрата игра и контролата на мечот продолжи во знакот на македонскиот состав, но покрај тоа гостите успеаваа на моменти да се вратат во игра. Сепак битолчани одговорија кога беше најпотребно, не дозволија целосен камбек на Мешков Брест и ја задржаа предноста на полуврмето (11-10).
Избраниците на Ларс Валтер продолжија да бидат подобриот противник и во поголемиот дел од вторите 30. минути. „Зелено-белите“ со мини серии успеаја да ја вратат високата предност за три гола позитива на средината на второто полувреме (18-15), но белорускиот тим користејќи ги грешките во нападот на Еурофарм Пелистер повторно се закани. Мешков Брест од минута во минута ја топеше предноста, а по изгубената топка на Хосни, Барану реализираше пенал за изедначување 22-22 на 56. секунди до крајот на мечот. Танкоски на седум секунди до крајот реализираше за 23-22, но Станковиќ не дозволи „зелено-бело“ славје, погоди во последниот напад и донесе пенал-рулет.
Првиот обид им припадна на ракометарите на Еурофарм Пелистер, а Радовиќ не реализираше од белата точка. но пеналот не го погоди ниту Куран. Следните четири изведувачи беа сигурни, а откако Пешевски реализираше во својот обид, Алиокин промаши за големо славје на македонскиот тим.
Сери беше лидер на Еурофарм Пелистер со осум гола, Хосни додаде пет, додека Танкоски мечот го заврши со четири гола. Барану и Алиокин го предводеа Мешков Брест со по седум постигнати гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА