СЕХА-лигата и дефинитивно ќе продолжи во месец август, и тоа со четвртфинални пресметки чии победници ќе ги дадат патниците на фајналфор турнирот што ќе се одржи во Задар, Хрватска. Вардар за ривал во четвртфиналето ќе го има Нексе, додека Еурофарм Пелистер ќе се сретне со екипата на Мешков Брест.
Сезоната во регионалното ракометно натпреварување беше прекината по почетокот на воениот конфликт во Украина, а првиот човек на Вардар, Михајло Михајловски, кој воедно е и претседател на СЕХА обелодени дека сезоната дефинитивно ќе продолжи.
На денешниот состанок на Извршниот комитет беше донесена одлука четвртфиналните средби да бидат играни во периодот од 8 до 25 август. Покрај дуелите Вардар – Нексе и Е. Пелистер – Мешков Брест, во преостанатите две четвртфинални пресметки ќе се сретнат Татран Прешов – Веспрем и Војводина – Загреб. Во четвртфиналето ќе се игра само еден меч, домаќините беа извлечени со ждрепка, а двата македонски тима ќе имаат можност на домашен терен да се борат за билет за Ф4.
Фајналфор турнирот ќе се одржи во Задар во периодот од 2 до 4 септември. Притоа, извлечени беа и двојките за фајналфор натпреварувањето, Еурофарм Пелистер во случај на триумф над Мешков во полуфиналето би се сретнал со Веспрем (доколку Татран Прешов не приреди сензација), додека подобриот од мечот Вардар – Нексе за ривал ќе го има победникот од дуелот Војводина – Загреб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА