СЕХА-лигата дефинитивно губи на квалитет за наредната натпреварувачка сезона откако Веспрем одби да се врати во ова регионално натпреварување. Згора на тоа, двете словенечки екипи кои лани беа дел од СЕХА, Целје и Горење, во новата сезона нема да настапуваат во оваа регионална лига.
Враќањето на Веспрем беше најавувано како значаен адут за челниците на лигата, но унгарскиот гигант преку соопштение објави дека нема намера да биде дел од СЕХА ниту во наредната сезона.
„За жал, Веспрем нема да се натпреварува во СЕХА во сезоната 2018/19 иако од спортски аспект можеби ќе значеше многу, а нашите фанови ќе можеа да гледаат повеќе интересни натпревари. За да можеме да уччествуваме, ние уште во текот на пролетта побаравме од СЕХА да се промени системот на натпреварување, да се формираат две групи од по шест тима по што најдобрите би разигрувале меѓу себе. На Ф4 турнирот во Келн имавме и вербален договор, но од СЕХА сега бевме известени дека двете словенечки екипи нема да учествуваат, па новиот систем нема да може да се воспостави, туку ќе се продолжи по стариот – лига од десет екипи од кои најдобрите четири ќе играат фајналфор. За жал, тоа не ни оди во прилог бидејќи ќе значи губење на многу време за патувања за околу 20 натпревари сезонава, поради што сме принудени да го откажеме учеството“ – се вели во соопштението на Веспрем.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА