Во концептот за проширување на регионалната СЕХА лига и најавената реконструкција, од раководството обелоденети се и имињата на потенцијалните екипи што би можеле да се приклучат во лигата. Претседателот на СЕХА лигата, Михало Михајловски откри дека се преговара за враќање на Веспрем и за приклучување на вториот унгарски тим, ПИК Сегед, а во опција се и двете водечки полски екипи Кјелце и Висла Плоцк.
„Тоа би биле две групи по шест екипи. Во овој регион не е баш лесно да се најдат екипи пандан на тие што играат во СЕХА. Токму затоа ќе обавиме разговори со екипи кои би биле на нивото на Вардар, Брест, Загреб, Целје или подобри од нив. Нема што да кријам, ние веќе разговаравме со Веспрем и со ПИК Сегеде, ќе видиме што ќе бидат нивните одговори, а понатаму ќе одиме на Кјелце и на Висла Плоцк, тоa ни се размислувањата. Во овој регион овде не гледам некоја екипа што би била подобра. Екипи со понизок квалитет во нашата СЕХА лига не ни требаат“ – истакна Михајловски дополнувајќи дека поради нискиот квалитет во фокусот на интерес нема ниедна од руските екипи.
Неколку сезони наназад актуелен беше и интересот на Барселона за евентуално вклучување во СЕХА лигата во која конкуренцијата е многу посилна отколку во АСОБАЛ, но Михајловски смета дека во моментов, на СЕХА не и треба ваква Барселона.
„Јас во овој момент не би ја барал Барселона. Барселона е во „расуло“. Не само ракометниот клуб што испадна за нив е потрагично што фудбалскиот клуб испадна од ЛШ, а од успесите и неуспесите на фудбалскиот клуб, зависи ракометниот“ – вели Михајловски.
Претседателот на СЕХА лигата и долгогодишен прв човек на Вардар има и своја прогноза за вечерашното финале на Ф4 турнирот во Скопје. За Михајловски нема дилема кој ќе победи….
„Во финалето ќе победи наш и ваш Вардар!“
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА