Спортот секогаш пред се треба да биде забава, иако сите ние неизбежно си го „лепиме на срце“ некогаш и премногу сериозно. Но, секако, шега никогаш не е на одмет колку понекогаш да се разбие нашето спортско сивило во кое знаеме да западнеме. Иако, и погледот од духовитата страна и тоа како знае и може, и помоќно од сериозниот пристап, да ги потенцира аномалиите во нашето спортско секојдневие. Токму затоа е тука СЕИРМАНИЈА, од денеска повторно како редовна рубрика на ЕКИПА.мк, низ сеир да потсети дека спортот ни е далеку од идеален, а оние со „розeви очила“ треба што поскоро да ги симнат и да прогледаат реално… За доброто на сите!
=======================================================================================================================
1. Браво за ракометот, спорт број 1, македонска гордост, спорт во кој редовно играме на ЕП и СП, на клупски план победува(в)ме гиганти од Франција, Германија, Унгарија…. Ама и спорт во кој сега губиме од екипи од Луксембург. И тоа ни помалку ни повеќе, клубот зад кој со години стои новиот ни претседател на федерацијата. Човекот храбро најавуваше и атак на медали со репрезентациите, ама со клуб не можеме да елиминираме и ‘гигант’ како Дуделанж составен од играчи на кои ракометот им е хоби, а имаат и други професии за егзистенција во оваа скапа европска држава. Проблем во најава? Ајде да не хејтаме до толку…. Можеби само биле скапи гостувањата, или Купот на ЕХФ не е доволно атрактивен за „бутелци“.
2. Во ракомет на клупски план играме со Луксембург, во кошарката ниту тоа – затоа што нашите клубови (чест на еден единствен исклучок) имаат уплав од европски пресметки. Затоа и репрезентацијата ни е топ – па во ноември ќе игра со Азербејџан, потоа и Ирска. И ќе одигра храбро, ќе го остави срцето на терен, со малку среќа (ако ни фати шутот) и ќе победи – херојски во Даблин или Баку, или Луксембург.
А не беше толку одамна кога гледавме Евробаскет и навивавме за нашите, ама оние баш нашите, Македонците. Сега бевме најголеми фанови на Дончиќ и Јокиќ, а од полуфинале, кога овие испаднаа, почнавме да се делиме не Шенгуни, Јаниси и Шрудери… И најголема гордост ни е што Џеди Осман родум е од Охрид.
А „скијачката“ Финска играше полуфинале. Велат, сите играат кошарка во денешно време. Сите играат, само ние изгледа заборавивме како треба.
3. Се чека да се консолидира федерацијата, па некој од куќата на кошарката конечно да каже кога ќе ни почнат лигите. Федерацијата е приказна сама за себе, претседател со ентузијазам сам да го покрива големите финансиски дупки што ги дочека наследени, но и „пинокио“ како прв соработник, човек што трпеливо чека да стане „султан место султанот“. Секако, без притоа да се брцне во џеб, и ако може и да заработи нешто плус.
„Самопрогласениот султан“ е најјака фаца во федерацијата, убедливо… на муабет, де, нормално, како и се друго во државава. Еве, заврши и една голема работа, најде спонзор за младинските лиги.
Само што… спонзорството е за покривање на котизацијата на клубовите во висина од ОГРОМНИ 100 ЕВРА по клуб, а лепењето на спонзорот на дресовите чини повеќе. Ама добро, тоа не е до толку важно. Најважно од се е да има сликање, за инстаграми и рилови. Кошарката ќе се оправи сама од себе…
До следниот сеир… драги наши спортски сеирџии…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

