Сејдини: Горд сум што бев на чело на македонскиот фудбал во најуспешниот период од неговата историја!

Фудбалската федерација на Македонија вечерва и официјално ја потврди одлуката на претседателот Муамед Сејдини да се повлече од водечката функција на ФФМ.

Управниот одбор на ФФМ на денешниот состанок закажа Вонредно изборно собрание за избор на нов претседател на Фудбалска федерација на Македонија на 22. декември. На Вонредното изборно Собрание на ФФМ ќе се констатира оставката на актуелниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини и ќе се избере но претседател на ФФМ.

„По седум извонредни години исполнети со историски достигнувања, решив да се повлечам од позицијата претседател на Фудбалската федерација на Македонија. Одлуката е резултат на моето размислување дека дојде момент за промена, после период што ќе остане запаметен како најуспешен во историјата на нашиот фудбал“ – вели Сејдини во изјавата за ФФМ, притоа дополнувајќи:

„Заедно со вас, испишавме златни страници за македонскиот фудбал: историското учество на Европското првенство ЕУРО 2020, второ место во квалификациската група за Светско првенство и незаборавната победа над Италија во Палермо, успесите во Лигата на нации со пласман во Лига Б и реализацијата на бројни инфраструктурни проекти во соработка со УЕФА и ФИФА. Ја напуштам оваа позиција со гордост и огромна благодарност до сите кои придонесоа за овие успеси: фудбалерите, селекторите, клубовите, инвеститорите, администрацијата, членовите на Управниот одбор и секој љубител на фудбалот“.

Сејдини ќе ја извршува функцијата до 22. декември, до Вонредното собрание.

„Јас ќе продолжам да ја извршувам својата улога до 22. декември, кога на Вонредно Собрание ќе биде избран мојот наследник. Со целосна верба во иднината на Федерацијата и македонскиот фудбал, од срце ви благодарам за поддршката и соработката во изминатите години” – истакнува Сејдини.

Се вчитува...