Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини вели дека и тоа како е задоволен што Куќата на фудбалот доби дозвола за интервенција за реконструкција на теренот на арената „Тодор Проески“ како би се создале идеални услови за настап на македонските репрезентации.
ФФМ до крајот на оваа седмица ќе ги заврши започнатите активности од проектот за поставување целосно нова, хибридна подлога на теренот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Хибридната трева од најновата генерација е поставена на Националната арена по околу еден месец работа, која опфати отстранување на претходната трева, поставување на новата подлога и целосно нов систем за одржување и наводнување на тревникот.
„Драго ми е што ќе ја видиме Националната арена „Тодор Проески“ во ново руво. Ова е уште еден доказ дека инвестициите во инфраструктурата се фундаментален дел од нашиот пристап кон развојот на македонскиот фудбал. Фудбалската федерација на Македонија помага и ќе помага и во иднина, наша обврска е да инвестираме во инфраструктурата која е основа на успехот на нашиот фудбал. Би сакал да им се заблагодарам и на одговорните во Јавното претпријатие кое стопанисува со Националната арена за реализацијата на овој проект. Фудбалот и репрезентацијата ова го заслужуваат. Со нетрпение го очекуваме претстојниот натпревар против Англија на новата трева на Националната арена и верувам, пред полни трибини за поддршка на македонската репрезентација“ – вели претседателот Сејдини.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА