Сејдини како кандидат на ОФС Кичево по нов мандат на чело на ФФМ

Актуелниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини доколку добие поддршка од делегатите на Собранието на ОФС Кичево, како кандидат на овој општински сојуз ќе се впушти потоа во битка за четиригодишен мандат на чело на Фудбалската федерација на Македонија.

„На 3. февруари има Собрание на ОФС Кичево. Доколку бидам предложен и поддржан од овој општински сојуз тогаш ќе се кандидирам повторно за претседателската функција на ФФМ“ – одговори Сејдини на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

Во текот е одржување на собранија на општинските фудбалски сојузи. Собранието на ФФМ, пак, се уште не е закажано иако, согласно одредени најави, се очекува да биде во месец март. Не се тајна ниту информациите дека дел од фудбалските клубови се организираат со иницијатива за бојкот и одложување на Изборното собрание на ФФМ.

„Во ФФМ нема доставено никакво барање или допис од било кој клуб. Како што истакнав претходно слушам шпекулации дека се вршат притисоци врз одредени клубови да го бојкотираат Собранието. Но, може да кажам дека Собранието на ФФМ се уште не е ниту закажано, затоа што во изборна година може да се одржи во било кој период од годината. За тоа кога ќе се одржи Собранието секако ќе одлучува Управниот одбор на ФФМ“ – истакна Муамед Сејдини.

Се вчитува...