Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини веднаш по двата натпревари на македонската репрезентација со Летонија и Ерменија во Лигата на нациите денеска престојуваше во Европската куќа на фудбалот во Нион, Швајцарија, на покана на првиот човек на УЕФА, Александар Чеферин.
Како што информираат од ФФМ, состанокот е свикан по добиените информации од УЕФА за политичко мешање во работата на федерацијата, со што е загрозен нејзиниот интегритет.
„Физичкиот напад врз претседателот Сејдини и последните случувања во нашата земја беа повод веднаш по натпреварот со Ерменија да биде свикан итен состанок од претседателот на УЕФА Александар Чеферин со претседателот на ФФМ а по добиените информации од УЕФА за политичко мешање во работата на Федерацијата, со што е загрозен нејзиниот интегритет. Претседателот Сејдини, од прва рака и во детали го информираше претседателот на УЕФА за настанатата ситуација, а УЕФА изрази силна поддршка за заштита на ФФМ, и нејзиниот интегритет“ – се вели во соопштението од Фудбалската федерација на Македонија.
Во текот на вчерашниот ден, пак, УЕФА и ФИФА заеднички испратија писмен допис до ФФМ во кој бараат закажување на состанок со претставници на Владата во најскоро можно време. ФФМ веднаш го пренесе овој допис до Владата на РМ во очекување на термин за бараниот состанок.
УЕФА и ФИФА се непоколебливи во нивната намера да го задржат интегритетот на фудбалот и федерацијата.
Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин во текот на денешната средба со Сејдини изрази и искрени честитки за освеното прво место на македонската фудбалска репрезентација во групата Ц во Лигата на Нации со желби за понатамошни успеси и достигнувања.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА