Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини денеска во интервју споделено наа официјалната страница на федерацијата одговараше на девет прашање кои изминатиов период беа актуелни во македонскиот фудбал, а во очекување и на историскиот настап на Европското првенство 2020.
Сосема очекувано, Сејдини се осврна и на темата за односите меѓу федерацијата и репрезентацијата.
1. Обид за формирање на т.н. фудбалска Суперлига
„На самитот во Монтро, Швајцарија, федерациите членки на УЕФА, заедно со претседателот на ФИФА, Џани Инфантино му дадоа поддршка на претседателот на УЕФА, Александар Чеферин и беа едногласни во ставот дека новиот формат на натпреварување наречен Суперлига не може да се реализира. Тоа што некогаш беа Стеауа Букурешт или Црвена Звезда денеска се Реал Мадрид, Барсалона или Манчестер Сити. Утре можеби ќе бидат некои други клубови со статус како денешниот на клубовите кои се обидоа да ја формираат Суперлигата, па токму затоа солидарноста за сите клубови која ја поддржува УЕФА е многу важна. Недвосмислена поддршка покрај ФИФА, даде и Меѓународниот олимписки Комитет“.
2. Македонскиот фудбал во услови на пандемија и помошта која ја дава ФФМ
„Натпреварите од предвидениот календар досега се одвиваа според предвиденото. Со посериозни проблеми се соочивме пред две недели по донесената одлука од Комисијата за заразни болести за задолжителни ПЦР тестови пред секој натпревар. Плаќањето на ПЦР тестовите на сите играчи и службени лица пред секој натпревар го прави Федерацијата. Не е задолжително Федерацијата да го прави тоа, тоа треба да го сторат самите клубови, но со оглед на тешкотиите со кој се соочуваат повеќето клубови во Македонија, оваа обрвска ја презеде самата Федерација. Цената која ја плаќаме по коло е близу 50.000 евра вклучувајќи ги и официјалните лица“.
3. За Горан Пандев
„Тој е единствена личност. Немам никаков проблем со Горан Пандев. Тој конкретно не зборуваше за мене, генерално изјави дека се потребни промени во самата федерација и Управниот одбор, но мислам дека човек секогаш треба да размислува со своја глава, а не да биде под влијание на други. Секоја личност може слободно да се изрази, слободното изразување е принцип на кој се заснова демократијата. Пред избори легитимно е да се прават такви интервјуа, како тоа со новинарот Мишко, не сакам да навредувам било кој новинар, но ајде да зборуваме за тоа каде се 2 милиони и 400 илјади евра. Зошто како новинари не прашувате за тој случај со милионска измама? Каде заглави случајот со украдени 2.400.000 евра од Фудбалската федерација на Македонија? Ние, заедно со фудбалерите, стручниот штаб и сите други во федерацијата на 8. јуни сме во Букурешт, а тоа е достигнување за кое сонувал секој граѓанин на оваа држава. Тоа е важно, а не да се повторуваме за работи кои создаваат заблуда“.
4. За Федерацијата
„Треба да се фокусираме на добрите и позитивни работи што се случуваат во федерацијата, како што се инфраструктурата, на тоа што инвестираме како федерација, за тоа што прави за клубовите. Дониравме 15.000 фудбалски топки на сите клубови, 13.000 столови се дистрибуираат до сите клубови за да ги обновиме трибините на кој гледачите ќе се чувствуваат комотно и пријатно“.
5. За селекторот
„За секоја одлука што ќе ја носам, внимателно размислувам што треба да направам. Во 2019 година јас, Муамед Сејдини и членовите на Управниот одбор му го продолживме договорот на Игор Ангеловски кој му истекуваше во ноември 2019 година. Му дадовме можност да стане најуспешниот селектор во Македонија. За да бидете успешен, некој треба да ви даде шанса. Значи, некој му даде можност да биде успешен. А, во едно нешто сум сигурен, договорот на селекторот не му го продолживме поради поврзаност и емоции, туку поради континуитетот на екипата и резултатите што ќе ги постигнеме во иднина. Врз основа на тоа му го продолжив договорот на Игор Ангеловски.“
6. Односот со играчите во репрезентацијата
„Имам контакти, се поздравувам и сум во добар однос со сите играчи од македонската репрезентацијата, но не издвојувам поединци. Ако некогаш сум имал разговор со некои од играчите, тоа е со капитенот на репрезентацијата. За жал не можевме да се сретнеме пред последниот натпревар, бидејќи и јас како и многумина во нашата држава бев позитивен на Ковид-19“.
7. Одлуките што се носат во ФФМ околу наградата на членовите на У.О.
„Одлуките што се носат во федерацијата никогаш не се менуваат. Како што реков претходно, пред да ги донесеме одлуките размислуваме и знаеме какви одлуки носиме. Учествувам на сите самити на УЕФА и ФИФА, заедно со колегите седнувам и дискутираме околу прашањето на федерациите, промоција итн. Ние применивме концепт во однос на премиите како што тоа го направија Словенија, Србија, Хрватска. Ние постигнавме најголем успех во последните 30 години. Зарем не заслужуваат и сите вработени и сите што беа со тимот да бидат наградени? Јас велам, да. Македонија се пласираше на Европско првенство. Ова е најголемиот успех на нашата држава од самото осамостојување и заслужуваат да бидат наградени сите кои биле дел и заедно со тимот. Ако го земете процентот кои го добија вработените и раководството, односно оние кои создаваат услови за репрезњнтацијата, во однос на вкупната парична награда од УЕФА, тој процент се движи меѓу 7 и 8“.
8. За европските натпреварувања на македонските клубови
„Јас секогаш се надевам дека ќе постигнат успех. Но, клубовите добро треба да се подготват и да размислат за настапите во Европа. Голема несреќа за македонскиот фудбал, за самиот клуб и за ФФМ е ситуацијата со Вардар. Таму каде што има конкуренција има и добри резултати. Без силен Вардар, без силна Шкендија или Шкупи не можеме да се надеваме на голем квалитет и силно ниво“.
9. Очекувањата од ЕУРО 2020
„Верувам во фудбалерите кои не претставуваат. Одиме на победа на секој натпревар“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА