Сејдини: Си заминувам горд, на мојот наследник му посакувам успешна работа

Претседателот на ФФМ во заминување Муамед Сејдини, се обрати на денешното Генерално вонредно изборно собрание на ФФМ.

Сејдини истакна дека е горд што бил дел од ФФМ во време на најголемите успеси на А репрезентацијата, и му посака на неговиот наследник успешна работа.

„Денеска е ден кога означуваме крај на едно поглавје. Од една страна чувствувам гордост на она што го постигнавме во изминатите 6,5 години, од друга страна ова е период на размислување. Секоја епоха има свој крај. Завршуваме поглавје во кое постигнавме историски успеси. Од историското учество на Европското првенство, преку големата победа над Италија, потоа победата во Лига на Нации, па се до успешни инфраструктурни проекти. Сето ова е дел од работата на сите кои беа дел од ФФМ. Горд сум што бев дел од ФФМ. Денеска си заминувам, со благодарност и можност да ве погледнам со исти очи, со гордост и со резултати кои ќе останат вечно. Благодарност до сите кои беа дел од ова патување. На мојот наследник му посакувам успешна работа и многу успеси на неговиот пат. Ви благодарам“, рече Сејдини.

Се вчитува...