СЕЌАВАЊЕ – 30 години од првото Куп-финале на Македонија: „Живи сме, постоиме…, тоа беше клучниот капитал Македонија да биде примена во УЕФА и ФИФА!“

Пишува:
Атанас Костовски

Не може а да не се потсетиме денеска на тој 23. мај 1993 година. Точно пред 30 години ден за историјата на македонскиот фудбал – првото финале од Купот на Македонија меѓу Вардар и Пелистер! Убаво е кога знаете дека сте биле дел од мигови кои засекогаш ќе останат не само во аналите на спортот на една земја, но и воопшто историски мигови кои сведочат за почетоците на една држава. Убаво е да се навратите и на една традиција која деновиве беше заокружена со 30-то јубилејно финале од Купот на Македонија, одбележано и преку гласовите на колегите Југослав Костовски и Тони Стојановски кои низ ТВ преносот не потсетија на почетоците во изградбата на мак-фудбалот токму и преку првото финале во Купот на Македонија, таа 1993 година.

Се подготвував, на тој 23. мај 1993 година, тогаш за својот 1597 пренос во коментаторската кариера, а се чувствував и јас како да е мое првенче, затоа што почнуваше нешто ново, нешто од почеток и за спортот и за државата. Од мојот прв ТВ пренос на 15. октомври 1965 година и натпреварот меѓу Вардар и Црвена Звезда во Скопје на кој победи Вардар со 2-0 што за мене беше исклучително убав коментаторски почеток, беа поминати речиси 30 години, но се сеќавам имав трема како никогаш дотогаш. Погледни кон трибините – преполн стадион, отвори ги очите – прекрасна свечена атмосфера, погледни кон ложата – претседателот на државата, претседател на Собранието на Македонија, премиер, претставници на дипломатскиот кор во земјата… Денови кога се раѓа држава, а се раѓа на вистински начин и спортот во неа!

Низ подготовката за преносот од финалето, спортската редакција на МРТ подготви и неколкучасовна програма како најава за големиот настан. Разговарав и со првиот претседател на Фудбалскиот сојуз на Македонија, Коле Чашуле, таму некаде на почетокот на Градскиот парк кај култната Опатија, кој не можеше а да не се потсети и на своите денови како новинар-известувач но и на деновите кога играл фудбал во Белград во редовите на БСК обезбедувајќи го тогаш својот студентски џепарлак. За време на натпреварот очекував да го видам во свечената ложа на Јужната трибина на „Градски“, фрлив поглед, но не беше на нашиот најголем стадион, веројатно очекувајќи да го додели првиот пехар на победникот во Купот. Сепак, мислам дека државата и ФСМ тогаш не погрешија со одлуката пехарот на најдобрите да го додели првиот претседател на Македонија, Киро Глигоров. Ги посетив и двете екипи учесници во финалето, подготвувајќи репортажа за подготовките пред мечот, а имавме и разговор со академскиот вајар Наќо Беќаровски кој го изработи големиот пехар, висок 51 сантиметар, а тежок 10.5 килограми и ги отсликува сите битни историски, културни, географски и природни вредности и богатства на Македонија. Имавме комплетна најава за тоа што го очекува македонскиот фудбал, и апсолутно се што беше потребно да го претставиме на најдобар начин првото фудбалско финале во Македонија.

А, финалето беше навистина сериозен предизвик за нашата ТВ екипа, затоа што огромна беше желбата, и покрај малата и скромна техника, на гледачите да им го претставиме на најдобар начин. Јас бев на коментаторската позиција а колегата Зоран Јордановски беше покрај аут-линијата со постојани вклучувања и меѓу актерите пред, за време и по мечот. А, во тоа време немаше мобилни микрофони, па и тоа како каблите беа единствениот начин да се дојде до соговорниците, што претставуваше за нас дополнителен проблем. Но, успеавме и покрај се. Беше тоа голем предизвик за сите нас, но и мотив… Буквално секој во екипата даде врвен придонес, покажувајќи дека се врвни професионалци, за на гледачите да им ја донесеме во домовите таа историја.

Кога се потсетуваме на првото финале од Купот на Македонија, не може апсолутно никој да не биде воодушевен од неверојатниот амбиент кој го создадоа повеќе од 20.000 гледачи. Тоа беа некои поинакви времиња, стадионот исполнет до последното место, a во фантастична атмосфера на крајот на победата се радуваа фудбалерите на Вардар со 1-0, благодарение на голот на Жанко Савов во 88. минута, кој, пак, само неколку месеци пред тоа од Пелистер се пресели во Вардар. Навистина врвно финале кое никогаш нема да се заборави, и по амбиент, и по возбудливост и по квалитет на терен. Само ако се погледнат составите на двата тима и имињата кои беа на терен како Антонио Филевски, Мирко Спасески, Влатко Костов, Љупчо Марковски, Жанко Савов, Саша Ќириќ, Саше Милошевски кај Вардар, но и Петар Милошевски, Кире Грозданов, Драган Канатларовски, Бруно Пресилски, Тони Мицевски, Ванчо Мицевски кај Пелистер…, се репрезентативни имиња, а предводени од Ѓоко Хаџиевски и Зоран Смилевски од клупите, јасно е за каков натпревар се работи. Без сомнение, најквалитетното финале во историјата на македонскиот фудбал. Ми се чини, дека сето тоа беше убаво заокружено, и со најдобриот потег на ФСМ и одлуката финалето да го суди нашиот прославен Гоце Попов кој токму со тој натпревар се збогуваше од активното судење.

Незаборавно беше на крај и доделувањето на пехарот во ложата на Јужната трибина. Капитенот на Вардар, Љупчо Марковски – Калц, предводејќи ги соиграчите, тогаш се искачуваа до ложата на стрмниот Југ каде го добија големиот пехар од претседателот Киро Глигоров. Така беше во тие времиња секаде во светот, во ложите на централните трибини се доделуваа пехарите, па и во Скопје.

А, по мечот, пак, целокупното вардарово славје во кое беше целото клупско раководство, директорот Драган Томовски како и комплетниот стручен штаб и фудбалерите, беше комплетирано и со коктелот во присуство на претседателот Киро Глигоров, поранешниот претседател на ФСЈ, Перо Коробар, но и бројни претставници на дипломатските претставништва од Европа и од светот кои беа воодушевени од целиот тој спектакл. Поголемиот дел од нив воопшто не очекуваа такво нешто. И, засекогаш ќе ми остане во сеќавање воодушевувањето и на Амбасадорот на Италија во Македонија, Фаустино Трони, кој уште тогаш посака Вардар во блиска иднина во Скопје да одигра натпревар со италијанска екипа. Таа негова желба се оствари по една декада кога во Скопје во европските натпреварувања гостуваше големата Рома.

Од моментите после големото финале ќе остане за мене забележана и радоста, воодушевувањето и гордоста и на претседателот на ФСМ, Љубисав Иванов – Ѕинго, генералниот секретар Илија Атанасовски – Ико и портпаролот на ФСМ, Стојан Тренчевски. Беа пресреќни… И денеска ми одзвонуваат зборовите на Љубисав Иванов – Ѕинго во разговорот по натпреварот:

„Успеавме. Ова е величествено. Живи сме, постоиме… Европа сега ќе ја види фудбалска Македонија и актуелноста на нашиот спорт. Еден ваков спектакл е клучниот наш чекор за членство во УЕФА и во ФИФА. По ова не може да не не забележат“.

Да. Фудбалска Македонија тогаш го почна својот пат кон членството во ФИФА и во УЕФА до кое дојде следната година. Првото финале од Купот на Македонија беше клучниот капитал Македонија да биде примена во европското и светското фудбалско семејство. Токму и затоа тој спектакл на „Градски“ засекогаш ќе остане запаметен во историјата на Македонија!

ШТО ПРЕТСТАВУВА ПЕХАРОТ ЗА КУПОТ НА МАКЕДОНИЈА

Големиот пехар за Купот на Македонија е изработен од академскиот вајар Наќо Беќаровски. Висок е 51 сантиметар, а тежок 10.5 килограми и ги отсликува сите битни историски, културни, географски и природни вредности и богатства на Македонија.

Фудбалската топка преставува афион, а горниот цвет на афионот е од четири латици кои ги симболизира четирите дела на Македонија. Под топката се пламените јазици што ја симболизираат вековата борба на македонскиот народ. Столбот е обвиткан со винови лози и грозје што ја симболизира тиквешијата, основата е со фрагменти од историјата и културното наследство на Македонија, Камениот мост и шара на македонскиот килим.

ПРВО ФИНАЛЕ ВО КУПОТ НА МАКЕДОНИЈА (23. мај 1993 год)
ВАРДАР – ПЕЛИСТЕР 1-0 (0-0)
Градски стадион во Скопје. Гледачи: 22.000. Главен судија: Гоце Попев (Скопје). Помошници: Ванчо Коцев (Штип) и Бранко Манојловски (Тетово). Делегат: Трајче Маџоски (Прилеп). Стрелец: Жанко Савов 88′ (В).
ВАРДАР: Филевски, Јовановски (Ангелов), Спасески, Садики, Костов, Марковски, Наумовски (Ефтимов), Тодоровски, Савов, Ќириќ, Милошевски.
Тренер: Ѓоко Хаџиевски
ПЕЛИСТЕР: Милошевски, Грозданов, Василевски, Канатларовски, Димов, Цветановски, Пресилски (Маркоски), Т. Мицевски, В. Мицевски, Каранфиловски (Стерјов), Ставревски
Тренер: Зоран Смилевски

Се вчитува...