На денешен ден пред точно 50 години кошаркарската репрезентација на Југославија ја победи во Љубљана моќната селекција на САД со 70-63 и така стигна до светската шампионска титула. Беше тоа прва светска титула за поранешната репрезентација на СФРЈ, вистински еуфорично славена од Вардар па до Триглав. Македонската кошаркарска легенда Лазар Лечиќ, како помошник на селекторот Ранко Жеравица, и доајенот на македонското спортско новинарство Атанас Костовски беа единствените Македонци на приемот кај претседателот на СФРЈ, Јосип Броз – Тито за прослава на големиот трофеј. Ова е четиво токму за тој 23. мај – сеќавање на Атанас Костовски за сите тие настани пред 50 години!
Љубљана, 23 мај 1970 година. До крајот на Светското кошаркарско првенство остануваат само уште две кола, Југославија игра со репрезентацијата на Соединетите Американски Држави, со победа вечерва ќе слават сите од Триглав до Гевгелија…
Тешко беше да се стигне до овој решавачки меч. Веќе деценија југословенските кошаркари собираа медали на СП, ЕП и ОИ, најчесто сребрени, еве можност сега пред своите навивачи во преполнетата сала “Тиволи“ во Љубљана да се закитат и со златниот медал.
ВО ЧЕСТ НА РАДИВОЈ КОРАЧ

Само една година пред СП во Љубљана, Југославија го загуби својот кошаркарски феномен, во сообраќајна несреќа, 12 километри недалеку од Сараево, згасна животот на еден од најдобрите светски кошаркари на сите времиња Радивој Корач – „Жучко“. Имаше само 30 години, играше за ОКК Београд, Стандард Лиеж и Падова, неговата левица беше непогрешива, слободните фрлање ги изведуваше со двете раце и тоа речиси со стопостотна прецизност. Останува запаметен неговиот подвиг кога во Белгија во една телевизиска емисија ги реализира сите 100 слободни фрлања! На средбата ОКК Београд-Алвик (Шведска) одиграна 1965 година во рамиките на КЕШ (155:57) постигна 99 кошеви, му недостасуваше само еден поен да го израмни светскиот рекорд на Вилтон Норман Чемберлен постигнат на 2. март 1962 година на средбата Филаделфија – Њујорк. Леворакиот кошаркарски гениј Радивој Корач имав можност да го гледам како известувач на “Млад Борец“ на ЕП 1961 година во Белград, каде благодарение на неговата прецизност, беше најефикасен на првенството со 216 постигнати кошеви, Југославија го освои сребрениот медал. На Олимписките игри во Мексико 1968 година истотака освои сребрен трофеј, во 157 те одиграни меѓународни натпревари постигна 3163 кошеви, во просек преку 20 на натпревар! За тоа време извонредно постигање ако се знае дека тројките се уште не беа воведени во игра. Ја сакаше музиката, тогаш се пишуваше дека е првиот кој во Југославија донел плоча на суперпопуларните Битлси…
Да, Иво Данеу, Никола Плечаш, Рато Тврдиќ, Љубодраг Симоновиќ, Драган Капичиќ, Драгутин Чермак, Дамир Шолман, Аљоша Жорга, Винко Јеловац, Трајко Рајковиќ, Петар Сканси и Крешимир Ќосиќ беа решени да играат и за својот „Жучко“, за леворакиот кошаркарски бомбардер. На тоа не требаше посебно да потсетува нивниот тренер Ранко Жеравица, тие едноставно чувствуваа дека и тој е овде со нив во остварувањето на заедничкиот сон, конечно да застанат на светскиот кошаркарски врв!
До тој 23 мај 1970 година зад нив останаа четири изодени етапи. Првата беше и најтешка, на отварањето победа против Италија од 66-63. Кошаркарите како да има трема пред високите гости, Светското превенство свечено го отвори претседателот на СФРЈ, Јосип Броз Тито. На следните среди против Бразил (80-55), Чехословачка (94-84) и Уругвај (63-45) беше демонстрирана тимска игра во која сите дванаесетмина ја искажаа својата желба и подготвеност златната радост да им ја подарат на своите навивачи токму на средбата со САД!
100-ТИ ЈУБИЛЕЕН НАТПРЕВАР
И дојде тој долгочекуван натпревар. Некои нешта се паметат засекогаш, се сеќавам како да беше вчера…
Во Љубљана, во ноември 1964 година, кај врвните телевизиски професионалци Бено Хвала, Стане Шкодлар, Туго Класинц, Марко Рожман и Мито Трефалт ги поминав првите телевизиски часови. Шест години подоцна овде се чувствувам како на свој терен, особено што сега сите тие се вклучени во реализацијата на телевизиските преноси од Светското кошаркарско првенсто. Сите хотелски капацитети од Љубљана до Блед беа пополнети, акредитираните новинари, пред се од Југославија, беа сместувани во приватни станови. Колегата Никола Солдатов престојуваше со својата сопруга, јас делев соба со коментаторот на ТВ Белград, Драган Никитовиќ. Според поделбата на преносите што го направивме пред првенството, средбата со Американците ми припадна мене да ја коментирам, а последната на првенството, онаа со Советите, на Солдат. Кога сака, работите некако сами по себе се поклопија па натпреварот Југославија-САД ќе ми биде јубилеен 100-ти телевизиски пренос! Мал јубилеј, на толку значаен натпревар, па уште ако некаде по 22 часот го изустам од цел глас она – Југославија е нов светски првак….

Целото попладне го поминав со колегата Борис Мутиќ од ТВ Загреб. Во силната коментаторска екипа на српско-хрватското говорно подрачје, така тогаш велевме, на Борис му припадна најпривлечниот меч за коментирање. Борис Мутиќ беше најмлад меѓу југословенските коментатори, почина на 70-годишна возраст, со својата елоквентност и стручност беше вистински промотер на спортот. Нему подеднакво му веруваа и спортистите и гледачите. Беше вистински колега, искрен другар, станавме и семејни пријатели. Последен пат другарувавме и долго разговаравме во Лос Анѓелес на Светското фудбалско првенство во 1994 година. Ми рече дека тука ќе се збогува со коментирање на фудбалските мечеви, така решиле програмските татковци во ХТВ, односно во владеачката партија ХДЗ. Ја запаметив неговата голема грешка, во еден гимнастички пренос (за овој спорт му немаше рамен во ЈРТ) споменал панталони наместо “хлачи“! Да, изустил српски, а не хрватски збор, потоа следувало она…па да тој е роден во Брчко, има такво и такво потекло… До пензија остана да работи во ХТВ, но не и да го коментира најпопуларниот спорт кај Хрватите.
ЈУГОСЛАВИЈА Е СВЕТСКИ ШАМПИОН!
Посебни подготовки за преносот и не беа потребни. Остануваат истите дванаестмина на двете страни, ќе се додаде постигнатото од последниот натпревар, ќе се забалежат досегашните меѓусебни средби, изјавите на актерите, прогнозите… Со Борис стигнуваме на коментаторските места речиси час порано, гледаме салата е веќе полна. Не дели стаклен зид, пред почетокот на преносот, јас десната а тој левата дланка ги испруживме на стаклениот зид – среќно!
Ечеше во салата “Тиволи“ од сите страни. Иво Данеу и другарите чекореа кон светскиот кошаркарски врв. Сите беа извонредни, ги прочитавте веќе нивните имиња, не, нема, барем кога го пишувам ова по педесет години, зборови со кои може впечатливо да се опише моментот кога семафорот престана да отчукува, застана на 76-63. Југославија стана светски кошаркарски шампион!
Првата радост ја споделив со Борис, повторно нашите раце се најдоа на двете страни од стаклениот зид…
За Југославија, на нејзините народи и народности, таа ноќ беше и Нова Година, и 1. и 2.мај, и 29 ноември, и Божиќ и Велигден и Курбан бајрам…. Дојде и тој кошаркарски момент – Југославија еве ја и пред Америка и пред Русија, тоа е тоа!
24. мај 1970, последен ден од првенството на кое веќе е познат новиот светски првак. Според предвидениот распоред колегата Никола Солдатов го коментираше натпреварот Југославија-СССР, натпревар во кој југословените играа без посебни мотиви и го загубија со 72-87.
ЕДИНСТВЕНИОТ ОД МАКЕДОНИЈА НА ПРИЕМОТ КАЈ ТИТО
Пред почетокот на натпреварот неочекувано ме побара генералниот секретар на организациониот комитет на СП, Борис Кристанчиќ. Ми вели: „Земјак утре со куферот во 10 часот на аеродром, летаме за Белград, а ти потоа продолжи за Скопје!“ Борис Кристанчиќ беше одличен кошаркар, член и на репрезентацијата на Југославија, гимназија учел во Скопје, одлично го познава македонскиот јазик. Тоа впрочем имаа можност и да се уверат гледачите на ТВ Скопје, со Борис Кристанчиќ во јануари 1970 година водев подолг разговор за подготовките на СП во Љубљана и за изгледите на нашите кошаркарирте, посебно по смртта на Радивој Корач. Интерсно, беше оптимист дека златото ќе остане во Југославија!
Вечерта и цимерот Никита ми вели дека утре треба да стигнеме навреме на аеродромот Брник, ќе летаме со авионот на Тито, кошаркарите ќе одат да му го честитаат 78-от роденден!
Во авионот забележувам дека има само тројца новинари, тука е и Владимир Штаумбаер од Љубљанско Дело. Си мислев вчера дека „земјакот“ Кристанчиќ ме шверцувал во ова друштво, но сега удобно сместен во авионот во друштво на Никита и Дуци Симоновиќ, работите ми станаа појасни. Тогаш се сетив, а еве сега тоа ги опишувам и потпишувам-па држава ти била таа Југославија, во неа службени јазици беа српско-хрватскиот, словенечкиот и македонскиот! Да, тука е се јасно, по еден новинар од сите јазични подрачја, изборот може да биде личен, но тоа е веќе друга работа…
ЛАЗАР ЛЕЧИЌ БЕШЕ ОМИЛЕНИОТ ВО ЈУГОСЛОВЕНСКИОТ ШАМПИОНСКИ СОСТАВ
Во Палатата на федерацијата, во големата сала влегувам заедно со Лазар Лечиќ, помошникот на Ранко Жеравица, нашиот македонски придонес во големиот југословенски кошаркарски успех. Лазо беше меѓу најомилените во југословенската кошаркарска експедиција, посебно го сакаа новинарите. Знаеше како да комуницира со нив, за нив секогаш имаше време, па да каже и нешто повеќе од другите. И тој, впрочем како и многумина од нас, првпат зачекоруваме во свечената сала во Палатата на федерацијата…
„Претседателе“, му се обраќа Лазо на првиот човек на Организациониот комитет на СП Стане Доланц. „Леле што е убав овој паркет за кошарка…“

Кошаркарите се во центарот на вниманието, високите гости со аплауз ги дочекуваат, за нив пеат хористите на КУД „Бранко Крсмановиќ“, разиграните фолклористи на ансамбалот “Коло“ милина е да ги гледаш по светнатиот паркет…
ЈОСИП БРОЗ ТИТО: „ПОВЕЌЕ НЕМА ЖАЛЕЊЕ, СЕГА ИМАМЕ ДОВОЛНО ЗЛАТО…“
Следните 45 минути, толку протоколот предвидел, следува средба со Маршалот. Насмеан, расположен во маршалската униформа заедно со сопругата Јованка се ракува и посакува добродојде на сите. Тука е и претседателот на Извршниот совет Митја Рибичиќ, па откога седнаме околу големата сала, Тито му рече на Рибичиќ: „Немој да се жалиш, сега доволно имаме злато…“ Домаќинот со топли зборови им се заблагодари на кошаркарите за големиот успех, за златниот медал како роденденски дар, “играл“ заедно со нив на сите натпревари што ги гледал на телевизијата, здравствено никогаш подобро не се чувствувал како овие денови. Времето брзо леташе, на неколку пати од протоколот го потсетија домаќинот дека има многу обврски, но златните кошаркари имаа предност.
Пред крај, дали беше Шолман или Сканси, но сигурно беше некој од Сплит, му вели на Тито:
„Претседателе ни дадоа авионски карти за вечерниот авион да се вратиме за Љубљана, знаете сите брзаме да си стигне дома…“
„Некој згрешил“, брзо одговори Тито. „Се враќате веднаш со истиот авион со кој долетавте од Љубљана“. И така беше…
На збогување, задолжително заедничка фотографија. Сега гледајки ја фотографијата, си велам, дека навистина правилно сум реагирал. Во центарот Тито и Јованка, некои десно и лево, некои ќе клекнат, центрите и крилата, највисоките во вториот ред! Имав голем проблем, бев облечен соодветно за кај Маршалот, но спротивно од униформата на кошаркарите, тие со тегет сакоа и сиви панталони, јас пак обратно! Лазо ме држи за рака, ми вели, „клекни овде до мене и Плечаш…“ Брзо реагирав, во последен момент станав, застанав некаде во вториот ред, sиркам на кај фоторепортерите од зад грбовите на Борис Кристанчиќ и Радомир Шапер тогашниот претседател на Кошаркарскиот сојуз на Југославија. Очигледно поминав подобро отколку колегата Никита чие што лице речиси 100% го покрива главата на Стане Доланц…
По речиси два часа поминати во Палатата на федерацијата, тргнуваме повторно кон аеродромот Сурчин, кошаркарите полетаа со титовиот авион за Љубљана, јас останав да го чекам првиот вечерен лет за Скопје…
Од 2500-те телевизиски преноси, стотиот никогаш не се заборава, не поради бројката, туку поради кошаркарите и Маршалот… Настанот од пред 50 години како да беше вчера.
Атанас Костовски
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

