Прераната смрт на Васил Рингов, еден од најдобрите и најпознатите македонски фудбалери, сигурно ги натажи многубројните љубители на фудбалот во нашата држава кои уште долго ќе ги паметат неговите голови од слободни удари, пробиви по левата страна и прецизно нафрлени топки по кои Дарко Панчев, пред тоа и Сандре Маневски знаеја да ги реализираат постигнувајќи ефектни голови за Вардар.
Својата блескава кариера Васил Рингов ја започна во далечната 1973 година кога скаутите на Партизан го доведоа во Белград како голем талент на Беласица, но во тогашната силна конкуренција на „црно-белите“ не доби вистинска шанса, одигра само два првенствени меча на Стадионот на ЈНА. Потоа замина во Тетово каде за Тетекс има одиграно 40 првенствени меча во Втората лига на поранешна Југославија постигнувајки 16 гола. Но со доаѓањето во Вардар, почна неговата канонада на голови со кои се прослави и остави голем белег не само во историјата на македонскиот фудбал. Играше уште и за Динамо Загреб и германскиот Ајтрахт од Брауншвајг.
Еден гол секогаш ќе се памети
Прелистувајќи го алманахот на Вардар, што го подготви Трајко Стаматов, со мноштво податоци за сите одиграни натпревари и кои се фудбалери го носеле неговиот дрес, пронајдовме и податок за постигнати голови на првенствени и пријателски средби на Васил Рингов. Тој го има облечено црвено-црниот дрес на Вардар на вкупно 392 првенствени и пријателски натпревари постинувајќи 188 гола. Голови за паметење, голови кои му носеа бодови на Вардар. Но сепак еден гол на Рингов остана за незаборав и денес и сигурно уште долго ќе се раскажува за него. Многумина љубители на фудбалот ќе се запрашаат што беше толку значаен тој гол за кој се уште се раскажува во таа дузина постинати голови на Рингов.
- Цело Скопје на стадион
Во сезоната 1978/1979 година Вардар играше во Втората лига и водеше голема борба со Трепча од Косовска Митровица за првото место кое обезбедуваше пласман во елитното фудбалско друштво, во Првата лига на Југославија. Во последното коло, на 17 јуни 1979 година во Скопје, се играше решавачкиот меч за првото место. На Трепча и беше доволен и бод за првото место. Вардар мораше да победи. На тогашниот Градски стадион, уште не беше изграден како денес – пекол. Исполнет до последното место, игла немаше каде да падне, како што се вели. Речиси никој и не седаше на јужната и северна трибина. Сите сакаа да го гледаат овој натпревар, да му помогнат на Вардар. Во тоа време немаше големи навивачки групи на одделни тимови, цела Македонија навиваше за Вардар. Влезница за овој меч беше вистинско богатство.
Авторот на овој текст, новинар во единствениот дневен весник „Нова Македонија“, подоцна и уредник на спортската редакција, заедно со колегите известуваше од оваа значајна средба за Вардар. Атмосферата на стадионот невидена, сите срца чукаа за Вардар. Ја посакуваа победата, сите погледи беа насочени кон теренот на кој се водеше рововска битка бидејќи Трепча имаше силен тим предводена од голманот Симеуновиќ, Савовиќ, Аднан Зекири, Милетовиќ, Столиќ…познати имиња. Судеше најпознатиот судија во тогашна Југославија Зоран Петровиќ од Белград. Вардар играше во состав: Филип Филиповски, Ѓоре Јовановски, Ѓорѓи Тодоровски /Влатко Димитровски/, Кочо Димитровски, Перица Груевски, Зоран Тасевски /Жарко Оџаков/, Љубомир Рајчевски, Мирослав Драганиќ, Ристо Глигоровски, Борче Мицевски и Васил Рингов.

Неколку минути пред да почне натпреварот, на стадионот одекна силен аплауз, на теренот се појави најголемиот навивач на Вардар, молерот Панче Унески, кој имаше секогаш, кога играше Вардар обезбедено место на Јужната трибина. Панче Унески беше навивачка икона на клубот, познат и почитуван на сите фудбалски терени во цела Македонија.
- Пенал, исклучувања и радост
Вардар поведе со 1-0 со голот од пенал што го реализира Мицевски. Но еуфоријата по овој погодок спласна кога во второто полувреме Ајети израмни на 1-1 и ја доведе Трепча на чекор до Првата лига. И потоа, кога часовникот брзо отчукуваше, во 78. минута ерупција на Градскиот стадион. На една нафрлена топка од Драганиќ на два три метри пред голот на Симеуновиќ, натрча Рингов и со глава ја уфрли во мрежата. Гол за Прва лига, гол за историја на Вардар.
Мечот обилуваше со многу нервоза и тензии, судијата Петровиќ им покажа во второто полувреме црвени картони на Груевски и Зекири.
Зошто е голот на Рингов незаборавен
Навивачите на Вардар и љубителите на фудбалот од помлада генерација сигурно ќе се запрашаат зошто тој победоносен гол на Рингов против Трепча е толку значаен за Вардар и неговата историја. Повеќе е значаен за самиот Рингов, кој во својата богата кариера за прв и последен пат имаше постигнато гол со глава и никогаш повеќе што е навистина куриозитет на 392 натпревари одиграни за Вардар и другите клубови.
Со Рингов, со кој како новинар имав и големо пријателство, на патувањата кога играше Вардар, заедно со радио репортерите Ивко Панговски или Љупчо Стевковски, често се потсетувавме на тој единствен гол со глава. Рингов беше сигурен дека ја удрил топката со глава, а не дека го погодила во главата, бидејќи била добро центрирана од Драганиќ, како што се шегуваа неговите соиграчи. Како и да е, овој гол е навистина и за него и за Вардар куриозитетен постигнат со глава што не му беше својствено во неговата игра.
Како што дознавме тогашните фудбалери на Вардар, беа и парично наградени за влез во Првата лига. Играчите, кои ги имаа одиграно сите мечеви од таа сезона, добија парича награда со која можеа да купат „Застава 101“. Можеби е интересен и овој податок. Откако Вардар влезе во Првата лига, Драган Симеуновиќ и Илија Савовиќ од Трепча потпишаа за Вардар. Како прволигаш во сезоната 1979/1980 година во конкуренција на 16 клуба Вардар го освои високото седмо место со 10 победи, 15 нерешени и само 9 порази што беше голем успех.
М.Мицковиќ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

