Секое лето иста приказна: Цибона носи засилувања во „пет до дванаесет“

Ништо ново кога станува збор за некогашниот кошаркарски гигант Цибона, кој во последните десетина години се соочува со огромна финансиска криза. Историјата се повтори и летово, откако загребскиот клуб се мачеше да собере играчи за прв собир, во еден момент поради две паралелни управи имаше и двајца тренери, а се повторија и најавите за целосен колапс и повлекување од АБА1 лигата.

Исто како и во изминатите години, ситуацијата почнува да се стабилизира во септември, кога Цибона почнува со носење на странски засилувања за пополнување на ростерот. Така, хрватскиот клуб денеска обелодени два нови трансфера, носејќи ги во своите редови Антони Барбер и Петер Јок.

Барбер е американски плејмејкер кој во сезоната 2021/22 настапуваше и во НБА во дресот на Атланта. Тој ја мина ланската сезона во дресот на Порто, каде имаше просек од 19,6 поени и 5,2 аситенции по натпревар.

Јок е репрезентативец на Јужен Судан кој настапуваше на ОИ во Париз, крилен кошаркар висок 198 сантиметри кој доаѓа во Цибона откако минатата сезона ја мина во Канада, а во европската кошарка има настапувано за Шоле во Франција и за Мурсија во шпанската АЦБ-лига.

Се вчитува...