Екипата на Шкупи не успеа навреме да ги обезбеди потребните услови за одигрување на првенствениот натпревар и дербито со Вардар на стадионот во Чаир, па затоа мораше да пријави алтернативен стадион за 4. коло. Натпреварот ќе се игра на стадионот „Младост“ во Струмица.
Капитенот на чаирскиот тим, Сухел Мухареми, верува дека по кризата во првите кола, работите ќе тргнат во позитивна насока.
„Поразите дојдоа како резултат на одредени проблеми кои сега се надминуваат. Во последните недели се подготвувавме максимално. Натпреварот против Пелистер беше голем тест за нас, но и покрај тоа што упорно баравме победа, среќата не беше на наша страна. Сето тоа го оставаме зад себе, бидејќи пред нас е мечот Вардар. Работиме само за позитивен резултат, сè друго за нас би било разочарување“, истакна Мухареми.
Капитенот на Шкупи, заедно со стручниот штаб, направи детална анализа на противникот.
„Натпреварите против Вардар секогаш имаат посебна тежина за нас. Го анализиравме противникот од сите аспекти и не би издвоил ниту еден конкретен играч како најголем ризик. Како што реков и претходно, нè интересира единствено победа. Не е важно кој е пред нас, бидејќи играме условно дома.“
Мухареми упати апел до навивачката група „Шверцери“ да бидат со тимот во клучниот натпревар.
„Дербито не би било дерби без ‘Шверцерите’. Нашата навивачка група е 12-ти играч, нашата најголема сила и мотивација. Без нив, не само дербито, туку и Шкупи не би бил тоа што е денес. Затоа апелирам сите да се соберат во петок и да ја поддржат екипата, бидејќи ни се потребни повеќе од кога било. Накратко, овој натпревар е важен за мене, како што е важен за секој навивач на тимот од Чаир“.
Натпреварот Шкупи – Вардар ќе се одигра на стадионот „Младост“ во Струмица, со почеток во 16:30 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

