Кадетската репрезентација на Македонија оствари одличен резултат освојувајќи го првото место и златниот медал на ЕХФ шампионатот што се одржуваше во Летонија. „Црвено-жолтите“ играа импресивно цел шампионат, лесно стигнуваа до победи, за денеска во драматичното финале да ја совладаат Швајцарија со 24-22.
Дуелот почна со израмнета игра во која противникот во неколку ситуации доаѓаше до еден гол предност, откако Македонија прва го отвори резултатот со погодокот на Петковски. Долго време се играше „гол за гол“ на двете страни, за нашите кадети први да стигнат до два гола предност, поведувајќи со 8-6 и терајќи го противничкиот селектор на тајмаут. Швајцарците за момент се консолидираа и израмнија на 10-10, но Македонија предводена од Димковски (два гола во финишот од полувремето) на одмор замина со водство од 13-10.
Истиот ракометар донесе и најубедливи 14-10 на стартот од вториот дел, но ситуацијата на теренот се промени по исклучувањето на Николоски, по кое Швајцарците стигнаа до израмнување (14-14). Во 42. минута швајцарскиот ракометар Галовиќ доби директен црвен картон за груб старт од зад грб при обид за контранапад на нашата селекција. Одбраната не беше на посакуваното ниво, откако за 20 минути во второто примивме ист број на голови како во цело прво полувреме, па Швајцарците во последните десет минути влегоа со минимално водство од 19-20.
Швајцарија стигна и до „плус два“ (20-22), но со промената на голманот и нешто поцврстата одбрана успеавме да направиме пресврт и со двата гола на Димковски од 21-22 поведовме со 23-22. Карасманакис го постигна голот со кој беше ставена точка на победата, пред голманот Галевски да го одбрани последниот обид на Швајцарците и да ги осигура конечните 24-22.
Голманот Брестовац беше избран за МВП на големото финале, а најефикасни во нашиот табор беа Димковски со седум, Петковски со шест и Калајџиески со четири погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА