Кире Лазаров вечерва прославува уште еден фантастичен рекорд, откако со настапот за Нант против Киелце стана ракометар со најмногу одиграни натпревари во Лигата на Шампионите. Македонскиот капитен веќе неколку години е убедливо најдобар стрелец во историјата на ЛШ, а од вечерва е апсолутен рекордер во елитното европско натпреварување бидејќи покрај најмногу голови, сега има и најмногу средби во Лигата на Шампионите.
Вечерашниот дуел е вкупно 250. во ЛШ во неверојатната кариера на македонскиот „бомбардер“, со што тој го остави зад себе поранешниот соиграч Арпад Штербик, кој до пензионирањето одигра 249 во елитното европско ракометно друштво.
Треторангиран на оваа листа е Тиери Омејер со 240 натпревари, а од активните ракометари тука се Никола Карабатиќ со 237, Јонас Калман со 225 и Тимур Дибиров со 217 одиграни средби во Лигата на Шампионите.
Нант брка негатива од еден гол по минималниот пораз во Франција, а доколку Лазаров и соиграчите бидат елиминирани лесно може да се случи вечерашниот меч да биде последен за Македонецот во елитното европско натпреварување.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА