Охриѓанката Ивана Илоски вчера оствари несекојдневен подвиг, трчајќи ултрамаратон околу Охридското Езеро во вкупна должина од 101,2 километри.
Ивана е родена во Охрид, но речиси две децении живее во Сиднеј, Австралија, и го користи секој слободен момент за тренирање и маратонско трчање. Досега учествувала во поголем број маратони со меѓународен карактер.
Патеката во правец Охрид – Струга – Ќафасан – Поградец – Свети Наум – Охрид, Ивана Илоски ја истрча за нешто повеќе од 11 часа.
„Отсекогаш имав желба да истрчам околу Охридското Езеро, па оваа година, токму на мојот именден, конечно си ја остварив. Патеката е со многу предизвици, особено на потегот од Свети Наум кон Охрид. Пријатно сум изненадена од инфраструктурата на албанската страна, каде што низ целата крајбрежна линија постои современа патека за велосипеди и пешаци. Времето беше претополо за ваков екстремен и исцрпувачки физички напор, но вистинскиот маратонец никогаш не се откажува“, изјави Ивана веднаш по завршувањето на трката, на градскиот плоштад во Охрид.
Фото: ohridnews.com
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА