На Манчестер во понеделникот му се случи голема трагедија кога на концертот на популарната Аријана Гранде, одекна експлозија која однесе 22 животи. По стравичниот настан, од сите страни стигнува помош за жртвите и за нивните семејства. Во целата акција се вклучија и двајца играчи на Манчестер сити. Помош стигна и од управата на Вест Хем.
Од Вест Хем се подготвени да му помогнат на човекот кој стана херој на Манчестер по бомбашкиот напад. Станува збор за 35-годишен бездомник по име Стивен Џоунс кој им помагаше на жртвите на нападот пред да стигнат службите на брза помош.
Џоунс спиел во близина на арената во која се одржуваше концертот, експлозијата го разбудила и добро го раздрмала, но тоа не го спречило веднаш да потрча кон арената и да им помогне на повредените.
Неколку дена по настанот, сопствениците на Вест Хем јунајтед, Џон и Дејв Саливен решиле преку социјалните мрежи да го пронајдат Џоунс и да го наградат за неговата пожртвуваност и храброст. Тие се решени да му изнајмат куќа, да му купат облека и да му помогнат да најде работа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА