Сексот и фудбалот

Во текот на секое светско фудбалско првенство меѓу најактуелните теми е прашањето дали на играчите да им биде дозволен секс. Некои селектори не дозволуваат на играчите ништо да им одвлекува внимание, некои се либерални, а ако се прашува селекторот на Мексико, би ги ставил играчите под клуч.

Мексиканците на ова Светско првенство направија големо изненадување победувајќи ја Германија во првото коло иако во Русија дојдоа откако предизвикаа голем скандал. Папараците уловија неколку мексикански фудбалери на „специфична“ забава со околу 30 девојки од агенција за придружба. Јавноста беше бесна, а од фудбалската федерација кратко прокоментираа дека играчите имале слободен ден кој можеле да го користат како што сакаат. Не е познато дали на Мексиканците им е дозволен секс за време на Шампионатот.

На германскиот селектор, Јоаким Лев воопшто не му се допаѓа кога им се одвлекува вниманието на неговите фудбалери, па затоа само понекогаш им дозволува средби со семејствата.

Во бразилската репрезентација ова прашање исто така секогаш е актуелно. Уште во 1958 година, на првенството во Шведска, на Бразилците им беше забранет сексот. Дури не можеле ниту да сретнат жени бидејќи федерацијата побарала сите вработени во хотелот да бидат мажи. Сепак овој план и не бил успешен, бидејќи една од најголемите ѕвезди, Гаринча побегнал од хотелот и си нашол забава.

На првенството во 2002 година, Фелипе Сколари исто така воведе потполна забрана за сексуални односи. И тогаш Бразил ја освои титулата, како и во 1958 година.

И на првенството во Русија, селекторот на Бразил, Тите, беше во дилема – забрана или дозвола, но на крајот реши дека фудбалерите ќе можат да минуваат ограничено време со сопругите и со девојките.

Познавачите на оваа област велат дека во ситуацијата нема паметно решение. Истражувањата покажале дека сексуалната активност троши многу енергија и ги прави мажите троми и поспани. Од друга страна постојат и сознанија дека сексот го крева духот кај мажите и ги прави посмели и похрабри.

Околу ова прашање, една од најповиканите сигурно е сопругата на Руи Патрисио, Вера Рибеиро која што е секс-терапевтка. Таа вели дека забраната не може да донесе ништо добро.

„Очигледно, психолошката благосостојба кој што ја носи сексот, може да придонесе само за подобра игра на фудбалерите. Наметнатата апстиненција односно забраната да минуваат време со сопругите е апсолутна бесмислица“ – вели Вера Риберо која уште додава дека и мастурбацијата е во ред.

„Може да биде корисно. Подобар сон, подобар одмор и избалансирано ниво на кортизон. Исто така се намалуваат стресот и нервозата“ – вели сопругата на Руи Патрисио.

 

Се вчитува...