Секуловски ќе го спасува Пелистер, деби против Шкендија

Пелистер експресно најде решение за тренерската позиција откако Милан Стојановски си поднесе оставка по последниот пораз од Струга ТЛ.

За многумина очекувано, Марјан Секуловски е стратегот што ќе го води Пелистер во клучните битки за опстанок откако денеска потпиша договор со „зелено-белите“ до крајот на оваа сезона. Станува збор за поранешен играч на Пелистер кој неколку пати во минатото беше и тренер на битолчани, кој го прифати предизвикот што го носат наредните два месеци во ПМФЛ.

„Марјан Секуловски од денес е нов тренер на Пелистер и ќе го води тимот до крајот на оваа сезона. ФК Пелистер повикува на обединување во последните два месеци од сезоната за исполнување на клупските цели. Нашата идеја е сите структури во клубот и градот да пулсираат исто за на последните девет натпревари оваа сезона Пелистер биде оној вистинскиот.

Затоа решението за излез од кризниот период го побаравме во нашите редови. Како и сите големи клубови се потпревме на оние кои најдобро знаат што е Пелистер, како се менаџира тежок период во клубот и кој е патот за излез од кризата.

Секуловски е дете на клубот, долги години играше и во водеше тимот, а својата професионала кариера го однесе во Победа, 11 Октомври, Новаци, Силекс, Македонија Ѓорче Петров, Брегалница, Мјанмар, Малдиви, Бангладеш…

Секуловски во изминатите 8 месеци во клубот е поставен како координатор на школата.

53-годишниот Секуловски в среда ќе го одржи првиот тренинг, а ќе дебитира на 4 април против првакот Шкендија“, објави битолскиот прволигаш.

Се вчитува...