Селекторите во Групата Б: Червар контра Вујо, балканска класика на светската сцена

Машката ракометна репрезентација на Македонија на Светското првенство во Франција го бележи петтиот настап на ракометните мундијали. На СП 2017 што стартува утре, Македонија ќе игра во Групата Б заедно со селекциите на Шпанија, Словенија, Исланд, Тунис и Ангола. Пласман во осминафиналето на СП обезбедуваат четирите најдобро селекции од секоја група.

Според многу проценки, ова ќе биде една од најнеизвесните и најтешки групи на СП, и според ретингот и квалитетот на репрезентациите, но и според селекторските имиња на клупата. Некои од нив и се добро познати на македонската јавност, како поранешниот тренер на Вардар, Веселин Вујовиќ, сега во улога на селектор на Словенија, или селекторот на Тунис, Хафед Зуаби кого добро го запознавме на априлските олимписки квалификации во Гдањск.

Кој седи на клупата на репрезентациите од групата Б?

Ви ги претставуваме селекторите на репрезентациите од оваа група

1.ЛИНО ЧЕРВАР (МАКЕДОНИЈА)

lino nova trening

Хрватот Лино Червар (66) дојде на клупата на Македонија во мај минатата година на местото на својот сонародник Ивица Обрван кој поднесе оставка по неуспешниот настап на македонската репрезентација на олимписките квалификации за Рио. Искусниот хрватски стратег од 2009 година е тренер на Металург со кој освои четири шампионски и три титули во Купот на Македонија.

Во својата кариера бил тренер на екипите на Новиград, Истратурс, Клагенфурт, Конверсано, Загреб и на Металург. Червар бил селектор на Италија и на Хрватска со која ги има и најголемите успеси – злато на ОИ во Атина во 2004, злато на СП 2003 во Португалија, две светски и две европски вицешамионски титули.

Со репрезентацијата на Македонија има четири официјални натпревари, една победа и еден пораз во баражот за СП 2017 против Чешка, и една победа (Украина) и пораз (Чешка) во квалификациите за ЕП 2018.

2.ХАФЕД ЗУАБИ (ТУНИС)

zuabi

Хафет Зуаби (56) е поранешен туниски ракометар, кој потоа гради тренерска кариера во клубови во Тунис, Катар, Саудиска Арабија и Јордан. Една година (2001-2002) бил селектор на репрезентацијата на Јордан, а од март 2016 година ја предводи селекцијата на Тунис. Зуаби ја презеде селекторската функција од Франузинот Силвијан Нуе кој беше суспендиран од ИХФ по контраверзното финале против Египет во Африканскиот куп, на еден месец пред олимписките квалификации во Гдањск. Под водство на Зуаби, Тунис ја победи Македонија во Гдањск и обезбеди пласман на ОИ во Рио. На Олимпијадата, Тунижаните завршија на 12.место.

На СП во Франција на репрезентацијата на Тунис го бележи 13 учество на ракометните мундијали, а дуелот со Македонија на 12 јаунари, на Зуаби ќе му биде 13 официјален натпревар како селектор на Тунис.

3.ФЕЛИПЕ КРУЗ (АНГОЛА)

felipe kruz

Фелипе Круз (47) е поранешен ракометар од Ангола и актуелен селектор на машката и на женската репрезентација на Ангола. На клупата на машката репрезентација Фелипе Круз е од 2010 година. Најголемиот успех со оваа селекција го постигна минатата година кога Ангола го победи Алжир и го освои третото место на Африканскиот куп што им донесе пласман на СП 2017 во Франција. Во април 2016 година, Фелипе Круз паралелно со селекторската функција во машката репрезентцаија, беше назначен и за селектор на женската репрезентација на Ангола со која на ОИ во Рио го освои 8.место.

Селекторот на Тунис во исто време е и тренер на женскиот клуб  Примеро де Агосто.

4.ВЕСЕЛИН ВУЈОВИЌ (СЛОВЕНИЈА)

vujo slo.

Веселин Вујовиќ (55) ја предводи селекцијата на Словенија од 2015 година. „Вујо мајсторе“ е омилен лик кај македонската публика од времето кога беше тренер на Вардар, а во краток период (2007) и селектор на сите македонски селекции.

Некогаш најдобриот ракометар во светот, и прв кого ИХФ го прогласи за играч на годината (1988), меѓу бројните трофеи од играчките денови има олимписко злато од ОИ 1984 во Лос Анџелес и злато од СП 1986 во Швајцарија. Во својата тренерска кариера, Вујовиќ ја предводеше Металопластика, Сиудад Реал, Вардар, Ал Сад, Ал Шабаб и донеодамна Загреб. Во периодот од 2003 до 2006 беше селектор на тогашната репрезентација на Србија и Црна Гора, во 2007 беше на клупата на Македонија, а во последниве две години е кормилар на Словенија. Соработката со Словенците почна со лош настап на ЕП 2016 во Полска на кое Словенија испада во првата фаза и на крај заврши на 14.место. Вујовиќ се обиде да стави свој белег во словенечкиот тим, а резултатите дојдоа за нелколку месеци. Во априлските квалификации, Словенија ја елиминира Шпанија и обезбеди пласман на ОИ, а во Рио беа беа едно од најголемите изненадувања на турнирот, стигнаа до четвртфинале и на крај го освоија 6.место што е најголем успех во трите досегашни настапи на Словенците на Олимписките игри.

5.ЖОРДИ РИБЕРА (ШПАНИЈА)

zordi ribera

Жорди Рибера (53) на ОИ во Рио го предводеше Бразил до олимпиското четвртфинале, а потоа се врати во родната Шпанија и го наследи Маноло Каденас на шпанската клупа. Шпанците во финалето на ЕП во Полска беа поразени од Германија, а потоа на олимписките квалификации во Малме не обезбедија пласман на ОИ во Рио, по што дојде и до смена на клупата.

Во својата тренерска кариера, Рибера ги предводеше Унио Сариа, Арате, Галдар, Бидасоа и Адемар Леон, а беше и селектор на Аргентина (2004-2005) и  во два наврати селектор на Бразил (2005-2008 и 2012-2016).

Шпанците се учесници на сите светски првенства од 1974 година, на СП во Франција го бележат 17 мундијал по ред. Имаат две злата од СП 2005 и СП 2013 на кое беа домаќини. На последното СП 2015 во Катар, Шпанија остана без медал (4.место). Рибера најави дека за него ќе биде предизвик одново да ја врати Шпанија на подиумот.

6.ГЕИР СВЕИНСОН (ИСЛАНД)

geir sveninson

Геир Свеинсон (54) е поранешен репрезентативец и капитен, а сега селектор на репрезентцаијата на Исланд. Во својата играчка кариера има настап на две олимпијади (ОИ 1988 и ОИ 1992). Во својата клупска тренерска кариера беше на клупата на Рејкјавик, Брегенц и Магдебург. Во 2011-2012 беше селектор на младинската репрезентација на Исланд, а од минатата година е прв човек го презеде водството на сениорскиот тим на „рибарите“.

Свеинсон на клупата на Исланд го наследи Арон Кристијансон кој лани по ЕП во Полска ја напушти селекторската функција откако Исланд не успеа да обезбеди пласман во втората фаза на шампионатот.

Се вчитува...