Се ближи завршницата од СП 2019, а со самото тоа е разгорува и дискусијата околу употребата на нападот „седум на шест“, рецепт што освен македонскиот селектор Раул Гонзалес го користеа уште неколку стратези на овој Мундијал. Данската телевизија ТВ2 организираше анкета во која 20 селектори од СП 2019 го дадоа своето мислење за оваа тактика, од нив само четири соопштиле дека ја поддржуваат, наспроти 16 гласа против.
„Ова правило тотално ја промени играта и воопшто не ми се допаѓа. Секако дека тренираме, за да можеме да се браниме кога ќе имаме потреба од такво нешто, но не ми се допаѓа. Мислам дека „седум на шест“ повеќе му наштети отколку што му помогна на ракометот“ – изјавува египетскиот селектор Давид Дејвис, за нас познат како дел од стручниот штаб на Раул Гонзалес во Вардар. Слични ставови како Дејвис имаат и Кадењас, кој беше селектор на Аргентина, како и исландскиот кормилар Гудмундсон.
До пред неколку години замената голман за играч мораше да се изврши со ракометар со маркер, со што токму тој играч мораше потоа да излезе за голманот да се врати на теренот. ИХФ го промени правилото почнувајќи од 2016 година, но јасно е дека голем број тренери се уште се против неговата примена. Шведскиот селектор Кристијан Андресон како негативен пример ја посочи токму македонската репрезентација.
„Гледав половина од мечот Македонија – Исланд, од првите шест гола Исланѓаните постигнаа пет во празна мрежа. Мислам дека не сакаме ракометот да се сведе на такви ситуации, сакаме брз спорт, а не лесни голови“ – дециден е Андресон.
Еден од оние кои се јавни поддржувачи на оваа тактика е данскиот кормилар Николај Јакобсен, кој користи „седум на шест“ и во својот клуб Рајн-Некар Левен.
„Убаво е како тренер да имаше нова алатка кога ја планираш тактиката. Можеш да бидеш исто толку креативен при седум на шест, како и при шест на шест, тоа е само еден начин плус да се ужива во ракометот. Јас играв без голман во нападот и пред да го воведат ова правило, така што дури и да го поништат, тоа не значи дека седум на шест ќе исчезне“ – порачува Јакобсен.
За нас добро познато е дека Лино Червар и Раул Гонзалес се ЗА оваа тактика, а поддршка доаѓа и од Словенецот Борис Денич, кој на СП 2019 ја водеше селекцијата на Саудиска Арабија.
„Јакобсен е еден од најдобрите тренери во светот за оваа тактика, „поезија во движење“ е да се гледа како Рајн-Некар Левен игра седум на шест. За мене ова е многу добро правило, можам да го користам во најразлични ситуации за да му помогнам на својот тим да влезе во ритам. Едноставно ми дава повеќе опции во таткиката, а не морам да го користам ако не сакам“ – истакна Денич.
Од ИХФ најавуваат дека будно ќе го следат развојот на ситуацијата и доколку има премногу негативни критики ќе се размислува и за повлекување на ова правило. Сепак, тоа сигурно нема да се случи до 2021, со оглед на праксата на светската куќа на ракометот сите промени во правилата да ги тестира најпрвин на младинските шампионати, пред да станат официјални и на сениорско ниво.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА