Македонската кошаркарска репрезентација до 18 години денеска попладне го започнува настапот на Европското првенство од Дивизијата „Б“ кое се одржува во нашиот главен град. А македонските јуниори сакаат да го искористат и тој „домашен момент“ во обидите да се дојде до еден резултат, кој може да донесе промоција и во иден учесник на евро-шампионатот во Дивизијата „А“.
Селекторот Горан Андреевски вели дека неговите пулени се подготвени успешно да ги бранат боите на Македонија на ова првенство.
„Успешно завршен период е зад нас. Одигравме пет пријателски натпревари во кои забележавме скор од четири порази една победа. Но тоа не нė обесхрабрува. Игравме три натпревари без Луканоски, а два без Јаничиќ, кој заедно со Стојковиќ, Ќириловски, Младеновски и Димитријев се предводници на оваа селекција“.
Околу очекувањата за дуелите со ривалите во групата „Ц“, Андреевски со став.
„Очекувам да отвориме со победа против Ирска. Имаме информации за противникот и имавме неколку дена да се спремиме за овој премиерен меч во групната фаза. Шанса за влез во четвртфиналето би барале преку победа над Босна и Херцеговина или Украина. Доколку победиме една од овие две репрезентации имаме реални шанси за добар резултат. Доколку не, ќе треба да се бориме за пласман во втората половина на табелата“ – вели Андреевски, притоа дополнувајќи:
„Морам да нагласам дека физички гледано, имаме најслаба или неспремна селекција заедно со репрезентацијата на Косово, и тоа е еден од клучните фактори кој што треба да го надминеме, а во исто време е огромен хендикеп за нас во однос на другите екипи кои се присутни на првенството. Јас сум секогаш оптимист кој секој натпревар размислува само за победа. Со повеќе залагање и малку среќа, можеби и би можеле да направиме посериозен резултат. Атмосферата во тимот е на завидно ниво, и има доста позитивна енергија што е секако важен фактор за едно вакво натпреварување“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА