ФИФА ги награди најдобрите за 2023 година на престижните „The Best“ награди на церемонијата која оваа година се одржа во Лондон. Изборот за најдобар фудбалер неочекувано му припадна на Лионел Меси кој имаше изедначен број на добиени бодови заедно со Ерлинг Халанд, но за да ја добие престижната награда пресуди изборот на капитените на репрезентациите.
Капитенот на македонската репрезентација Енис Барди и селекторот Благоја Милевски беа едногласни во одлуката кој е најдобар фудбалер. Двајцата гласот го дадоа на фудбалерот на Манчестер Сити, Ерлинг Халанд кој го предводеше Манчестер Сити до „триплета“.
Барди на второто место го стави Килијан Мбапе, а на третото Лионел Меси, додека Милевски воопшто не се одлучи за Французинот и Аргентинецот, давајќи им гласови на Хулијан Алварез и Родри.
Селекторот и капитенот беа едногласни и во изборот за најдобар тренер давајќу му предност на Пеп Гвардиола. Двајцата во изборот го вклучија и Симоне Инзаги, но тренерот на Интер беше втор избор на Милевски, а трет на Барди. Покрај овие двајца од Македонците гласови добија и Лучијано Спалети, односно Чави.
Претставник на Македонија беше и новинарот Мијалче Дургутов кој за најдобрите фудбалери се одлучи за Ерлинг Халанд, Кевин де Брујне и Марсело Брозовиќ, додека во изборот на тренери предност им даде на Пеп Гвардиола, Симоне Инзаги и Чави.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА