Селекторот Милевски со пофалби пред Србите за Бојан Димоски: „Брз, исполнителен, со предиспозиции за се, кој одлично чита игра…“

Македонскиот репрезентативец Бојан Димоски кариерата ја продолжува во белградски Партизан, каде како позајмен играч до крајот од сезоната, но со можност потоа за откупување на договорот, доаѓа од рускиот Акрон Тољати.

Па, српските медиуми во „потрага“ за информации за Димоски во разговор и со македонскиот селектор Благоја Милевски, кој изминативе години прв му даде репрезентативна шанса на левиот бек.

„Бојан е одлично момче кое сака да работи и да напредува. Само му треба малку самодоверба. Да почувствува дека е дел од тимот и дека тој има потреба од тимот. Тоа му треба најмногу“ – вели Милевски и дополнува:

„Тој има се што треба да има еден фудбалски дефанзивец. Исполнува се во репрезентацијата. Го користам од левата и десната страна, затоа што има предиспозиција за се. Брзината и техниката му се одлични, опасен е кога влегува во средината и по крилните позиции. Добро ја чита играта. Јас сум свесен и знам дека Партизан не зема играч без претходно добро да го скенира“.

Според Милевски, Димоски е важен дел од репрезентацијата.

„Секако дека повторно ќе биде во репрезентацијата. Ми треба затоа што во март почнуваат квалификациите за Светското првенство. Го познавам уште од младата репрезентација. Ако работи на самодовербата, тогаш Партизан ќе го извлече максимумот од него. Кога е константен и во форма, нема проблеми со самодовербата. Во последно време не добиваше доволно време за игра во клубот. Минатата сезона беше стандарден и играше одлично“ – завршува Милевски.

Се вчитува...