Селекторот Благоја Милевски во новиот спортски подкаст „ПРЕСИНГ“ зборуваше за можноста наскоро да се дополни репрезентативниот ростер со уште неколку фудбалери од интернационалната сцена, со македонско потекло.
Милевски е препознатлив по промоцијата на нови имиња во националниот тим во чии редови по реконструкцијата после оној меч со Англија на „Олд Трафорд“ простор најдоа, веќе и како стандардни репрезентативци, Бојан Миовски, Исник Алими, Бојан Димовски, Лирим Ќамили, Никола Серафимов, Бојан Илиевски, Агон Елези, Јован Манев…, кои заедно со „староседелците“ во тимот, креираат нов тим и за новиот квалификациски циклус.
Но, сега во разговорот за „ПРЕСИНГ“, селекторот Милевски потврдува дека на неговиот „радар“ се и Андреј Тодороски од ТСЦ Бачка Топола кој игра во одлична форма во српската Суперлига, но и крилниот офанзивец Милан Илоски од дански Нордсјиланд, заедно и со Давид Тошевски од Австрија Клагенфурт кој веќе дебитираше на натпреварот против Лихтенштајн во мартовските квалификации за СП 2026.
„Да, го следиме Милан Илоски, кој е роден во Калифорнија, САД, уште од неговите настапи во САД, но тогаш беше во неконкурентна лига. Сега е во дански Нордсјиланд и го следиме секој негов развој… Со Андреј Тодороски, пак, неколку пати разговаравме. Јасно потврди дека сака да игра за Македонија, но проблем засега е тоа што има австриско државјанство, а Австрија не дозволува двојно државјанство… Постојано сме во контакт за решение за таа препрека и конечно да може да игра за Македонија. А, Тошевски секако е добро познат на нашиот скаутинг и е во тој круг од околу 30 фудбалери кои се конкурентни за националниот тим поради што и беше повикан во мартовскиот собир“ – вели меѓу другото селекторот Благоја Милевски во подкастот „ПРЕСИНГ“.
Комплетниот спортски подкаст „ПРЕСИНГ со Дарко Панчев“ и разговорите со селекторот Благоја Милевски на бројни, домашни но и меѓународни, фудбалски теми може да го погледнете на следниот youtube-каналот на ПРЕСИНГ…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА