ЕКИПА во Гибралтар,
Владимир Булатовиќ
Селекторот на Гибралтар, Уругваецот Хулио Рибас од 2018 година е на чело на оваа селекција и токму поради тоа, како што вели, многу добро ја знае македонската репрезентација.
Во пресрет на денешниот дуел со Македонија, Рибас потенцира дека добро ги следел сите развојни етапи на македонската селекција изминативе четири години и затоа е свесен дека Гибралтар ќе има навистина тешка задача да остане непоразен.
„Не знам што треба да кажам за Македонија. Доволно е да знаете дека изминатава година ги победи Германија и Италија. Играме со селекција која добро знаеме дека сериозно напредуваше последнава година, а беше дел и од Европското првенство 2020, единствената која играше на ЕВРО 2020 од нашава група“ – вели Рибас во најавата за натпреварот со Македонија, но не криејќи дека неговите фудбалери се повеќе од мотивирани да дојдат до изненадување.
„Но, од друга страна токму тоа нас не мотивира. Тоа што играме против еден таков противник ни дава сила да го дадеме максимумот и да се обидеме да изненадиме пред нашата публика. Со Македонија одигравме добар натпревар и пред четири години тука во Гибралтар, а ќе се обидеме и сега на вистински начин да покажеме и дека тука се игра фудбалот на високо ниво“ – истакнува уругвајскиот тренер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА