Репрезентацијата на Гвинеја ги финишира подготовките за СП 2025, прво големо ракометно натпреварување во историјата на оваа држава, во кое за противник ќе ја има и селекцијата на Македонија.
Челниците на федерацијата се решија за неочекуван потег откако на нецел месец до мундијалот решија на кормилото да го вратат Французинот Кевин Деко. Станува збор за стратег кој до пред 18 месеци беше селектор на Гвинеја, но тогаш си замина прифаќајќи ја понудата да биде кормилар на женската репрезентација на Тунис. Откако не се прослави во оваа функција, Деко се врати назад на чело на Гвинеја.
„Веднаш кажав ДА, не ни преговарав да барам повеќе пари од она што ми беше понудено. За мене немаше дилема, сакаав да се вратам бидејќи чувствував дека се враќам дома, меѓу народ што го чувствувам за свој народ. Мојот камбек во репрезентацијата е како дете што се враќа дома по долг пат да го види својот татко“, истакна Деко.
„Настапот на СП и играњето во Хрватска не е чекор напред за сите нас, туку историја, исполнување на сонот на сите оние кои работеа во гвинејскиот ракомет сето ова време. Ова е кулминацијата на десетгодишната напорна работа, бележиме голем напредок целиот овој период, што резултираше со овој пласман на СП 2025“, додава селекторот на Гвинеја.
Кормиларот на африканската селекција во краткиот осврт на групата Д не крие дека со голем респект гледа на сите противници, вклучувајќи ја тука и селекцијата на Македонија.
„Македонија е земја со силна ракометна култира, со клубови како Вардар кои до пред некоја година доминираа во Лигата на Шампионите. Холанѓаните имаат играчи како Лук Стајнс, кој е клучен ракометар во ПСЖ, а Унгарија за мене ќе биде фаворит во групата, тоа е селекција што секогаш завршува во Топ 8 на големите натпреварувања. Ние ќе играме без комплекс и страв, во главата ќе ни биде дека немаме што да загубиме, но можеме многу да добиеме“, изјави селекторот Деко.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА