Македонската репрезентација до 17 години успеа да го оствари еден од најзначајните резултати во младинскиот фудбал последниве години со обезбедувањето пласман во Елитна фаза од квалификациите за Европско првенство. Македонија до 17 години се пласираше во Елитна фаза за прв пат по 2017 години кога тогашната генерација предводена од Горан Станиќ успеа да ја мине квалификациската група за Елитна фаза.
Турнирот кој Фудбалската федерација на Македонија го организираше во Струмица, донесе одлични натпревари и силна конкуренција. Во група со Чешка, Унгарија и Гибралтар, младите надежи предводени од селекторот Владко Колев одиграа дисциплинирано и со верба во успех, обезбедувајќи место меѓу најдобрите.
Селекторот Влатко Колев изјави дека е горд на неговите играчи.
„Остваривме навистина одличен резултат. Во мошне тешка група успеавме да го избориме пласманот во елитните квалификации, а притоа во ниту еден момент не делувавме инфериорно ниту против Чешка, а уште помалку против Унгарија. Во третиот натпревар, кога бркавме и гол-разлика, момците покажаа карактер и верба. Ова е голем мотив за сите нас, но не застануваме тука. Ќе се подготвиме максимално добро за мартовските натпревари со најсилните селекции и можам да ветам дека ќе се бориме до последниот меч“, изјави Колев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

