Селекторот на одбојкарките со анализа: Градиме систем што ќе трае со години…

Женската сениорска репрезентација на Македонија изминатиот викенд го заврши вториот настап во ЦЕВ Европската Сребрена лига 2025. По комплетирањето на турнирската фаза македонските одбојкарки имаат две победи и четири порази и се на седмата позиција, со ист број на бодови како и шестопласираниот Исланд.

Ваквата позиција на табелата е сериозен чекор напред на женскиот национален тим, но уште поголемо задоволство носи и фактот дека селекцијата која ја предводи селекторот Стефан Пауновиќ по тригодишна работа почнува да дава резултати. По скоро два месеци напорна работа и девојките и стручниот штаб се на заслужен одмор, а откако емоциите се смирија и се сумираа впечатоците, стигнува и анализата.

„Задоволен сум од начинот на кој репрезентацијата одговори на предизвиците во овој циклус. Во Сребрената лига остваривме две важни победи и одигравме два исклучително квалитетни натпревари против Израел и Грузија во кои покажавме борбеност, карактер и тактичка зрелост. Навистина сум горд на екипата за онаа победа над Луксембург со која испишавме историски резултат – прва официјална победа по 17 години на женската сениорска репрезентација. Тоа е повеќе од спортски успех, тоа е симбол дека работите се менуваат и дека нашата работа има подлабока смисла. Градиме систем кој ќе трае. Од 2022 година работиме темелно на поставување на идентитетот на оваа екипа, играта и културата. Екипата е млада, но исклучително талентирана и покажа дека има срце и визија. Овој циклус е доказ дека репрезентацијата е на вистинскиот пат“, вели селекторот Пауновиќ и додава: „Посебно сакам да истакнам дека видлив е менталниот напредок кај девојките, кои и во поразите останаа фокусирани и веруваа една на друга. Сметам дека имаме вистински темели за она што не очекува во иднина. Сега останува малку да здивнеме пред повторно да се собереме во пресрет на евро-квалификациските дуели со Австрија и Грција.“

Сениорките имаат пауза до 20 јули за кога е закажан собирот на репрезентацијата во Маврово, кога ќе стартуваат подготовките за квалификациските дуели со Австрија и Грција за ЕП 2026.

Се вчитува...