Кадетската репрезентација на Македонија го претрпе и вториот пораз во низа на СП за ракометарки до 18 години, губејќи од Германија со убедливи 21-34 во разигрувањето за пласман од деветтото до 16. место.
Емотивно испразнети по поразот на клучниот дуел со Исланд, македонските кадетки имаа проблеми да се снајдат во нападот против физички подоминантните германски ракометарки.
Селекторот Савевски по натпреварот вели дека негова е вината и одговорноста за овој пораз…
„Јас ја преземам вината и одговорноста за денешниот пораз и начинот на кој ја одигравме оваа средба. Изгоревме на претходните натпревари, премногу се истрошивме и денеска не бевме на потребното ниво. Премногу го посакувавме пласманот во 1/4 финалето и игравме само на таа карта. Ризикував, малку играчи го носеа товарот, но тоа беше цената што бев спремен да ја платам за пласман во 1/4 финалето. Штета, не успеавме. Истрошивме премногу сила и енергија за тој пласман и денеска тоа ни се одрази во играта“, изјави селекторот Савевски.
Следен противник на Македонија ќе биде селекцијата на Хрватска, дуел за 11.место што на програмата ќе биде утре со почеток во 16 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА