Селекторот на македонската репрезентација, Александар Тодоров, ги мина 14-те дена на задолжителен карантин по доаѓањето од Романија, но согласно мерките тој ќе мора да мине уште две седмици во самоизолација во својот дом. Сепак, на предводникот на националниот тим му е јасно дека сите мерки и препораки мора целосно да се почитуваат за да може да се излезе како победник од оваа борба со коронавирусот.
„Чувството е поинакво кога си дома, се надевам дека по истекот на овие две седмици, бројот на заразени и починати ќе се намали и дека ќе тргнеме кон постепено враќање кон нормалниот начин на живот. Правилата беа дека никој не смее да ја напушти собата во која е сместен. Храна и сè што е неопходно беше доставувано пред врата, па така тие 14 дена ги поминав во некои 15 метри квадратни. Колку и да делува страшно, првите 7-8 дена поминаа навистина брзо, можеби и ми требаше еден таков период каде нема да правам ништо. Но последните денови поминуваа навистина бавно. Особено последниот, кога дури некаде после полноќ ми беше дозволено да заминам дома. завчера при излегување од хотелот, морав да потпишам изјава дека се согласувам со дополнителни 14 денови на домашна изолација. Правилата се правила и во овие моменти мора да се почитуваат, одговорноста од спречување на вирусот лежи кај сите нас како поединци“, вели Тодоров.
Стопирањето на кошаркарската сезона ги нарушува и плановите на селекторот, бидејќи сега пропаѓа варијантата за собир и одигрување на контролни натпревари. Сепак, Тодоров најавува дека штом бидат создадени услови за такво нешто, ќе почне да работи со помали групи на репрезентативци.
„Овие денови најчесто бев во контакт со капитенот Војдан Стојановски, кој исто така беше во домашна изолација. Разговарав и со Дамјан Стојановски, со Марко Симоновски, а често се допишувам и со Андреј Јакимовски, кој можеби има најкомплицирана ситуација од сите нас, со оглед на тоа што сè уште не може да најде начин како да се врати во Македонија. Имав контакти и со речиси сите членови на стручниот штаб, како и со спортскиот директор Тодор Гечевски. Многу е тешко да се планира нешто во момент кога не се знае до кога ќе траат овие мерки на изолација и социјално дистанцирање. Она што го кажав и на репрезентативците е дека во првиот момент кога ќе се дозволи поголема слобода на движење, дека им стојам на располагање да започнеме со индивидуални тренинзи, во помали групи, бидејќи не верувам дека во скоро време ќе бидат дозволени спортски активности на поголеми групи. Затоа и верувам дека ќе истренираме индивидуално, но не верувам дека ќе бидат возможни мини подготовки како што беше планирано“, истакнува Александар Тодоров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА