ЕКИПА на ЕП 2018 во Хрватска,
Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски
Франција со максимални четири бода влегува во втората фаза од шампионатот, а „триколорите“ вечерва ќе се сретнат со Шведска, со која се наоѓаат на делба на првото место од групата 1. Јасно е дека победата на овој меч ќе значи и речиси сигурен пласман во полуфиналето, па при толку голем влог не е никакво изненадување што селекторот Динар реши да го вклучи во тимот Лука Карабатиќ.
Пивотот, кој воедно врши голема работа и во играта во одбрана, поради повреда го пропушти првиот круг од натпреварувањето, но Динар сериозно ќе смета на неговите услуги до крајот на ова ЕП.
Карабатиќ утрово беше официјално впишан во списокот на играчи на Франција за дуелот со Шведска, заземајќи го местото на Бенџамин Афгур. Воедно, Динар направи и втора замена, повикувајќи го Ромен Лагард од Нант на местото на повредениот Нгесан.
На промена пред денешниот меч со Норвешка се реши и Лино Червар. Хрватскиот селектор го враќа во составот Алиловиќ на местото на Пешиќ. Со тоа Червар ја признава својата грешка пред дуелот со Шведска, кога го избриша голманот на Веспрем, на негово место повикувајќи го чуварот на мрежата на Брест Мешков, кој на двете средби не ја оправда довербата на селекторот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА