Селекцијата до 15 години ремизираше со Кина на првиот меч на турнирот во Шангај

Репрезентацијата на Македонија до 15 години одигра 1-1 против соодветната селекција на Кина на првиот дуел од турнирот на кој гостуваме во Шангај, Кина.

Избраниците на селекторот Марио Вујовиќ беа подобар противник од домашната селекција, имаа поголем број на шанси, со погодена и греда пред крајот од мечот, но на крајот мораше да се задоволат само со 1-1.

Во 21. минута Марио Костески не ја искористи првата шанса за Македонија. Кинезите во 42. минута по грешка на нашиот голман се радуваа на водечкиот погодок.

Во 56. минута Стефан Ѓоргиев имаше шанса за гол, а веќе во 60. минута Македонија го израмни резултатот на 1-1 со прекрасниот гол на Марио Костески. Натпреварот можеше да заврши со триумф на македонските фудбалери, но во 83. минута Димитар Тодоровски со прекрасен удар од работ на шеснаесетникот ја погоди гредата од противничкиот гол.

„Задоволен сум од прикажаното, иако пропуштивме шанса за победа. Посебно во второто полувреме кога не реализиравме неколку добри прилики за втор гол. Бевме рамноправни во првото полувреме, но примивме наивен гол по грешка на нашиот голман“ – изјави селекторот Вујовиќ.

Вториот натпревар во Шангај Македонија го игра на 26. јуни против репрезентацијата на Северна Кореја.

Македонија до 15 години: 12. Марко Алчевски, 2. Рилинд Ајдини (Сали 79), 3. Али Асани, 4. Филип Андоновски (Новевски 57), 5. Александар Ѓурковски, 6. Спасе Терзиев (Стојменов 45), 7. Филип Костовски (Тодоровски 48), 8. Иван Николов (Максимов 19), 9. Марио Илиевски. 10. Стефан Ѓоргиев, 11. Марио Костески; Селектор: Марио Вујовиќ.

 

Се вчитува...