Македонската фудбалска репрезентација до 19 години, денеска го одржа последниот тренинг пред утрешната пресметка против Украина, во рамките од елитната рунда квалификации која ќе се одигра во Скопје, на тренинг центарот Петар Милошевски во 14 часот. Покрај Украина, во групата со Македонија се и Летонија и Швајцарија.
Македонија отвора со натпревар против Украина. Станува збор за противник кој е еден од фаворитите за првото место заедно со Швајцарија. Избраниците на Тони Јакимовски се подготвени за надигрување против најзвучното име во украинската селекција, 17-годишниот Кристијан Шевченко, кој е син на легендарниот Андреј Шевченко. Екс играчот на Милан и на Челси, кој сега е претседател на фудбалската федерација на Украина, ќе допатува во Скопје да го гледа овој дуел.
Селекторот Тони Јакимовски очекува дека одличната атмосфера и единството во националниот тим ќе донесе успех во овие квалификации.
„Мислам дека можеме да го повториме успехот, подготвени сме да одговориме на предизвикот. Се соочуваме со проблеми околу повредени фудбалери. Нема да можеме да сметаме ниту на Елмас за овој турнир. Што се однесува до Даниел Марковски, тој е под знак прашање. Ќе се обидеме да направиме се што е во наша моќ за да го оспособиме за утрешниот натпревар. Имаме одлична атмосфера во репрезентацијата, нешто што не красеше и на квалификацискиот турнир во Полска. Желбата и мотивацијата кај фудбалерите се на едно највисоко ниво. Иако групата на прв поглед е неатрактивна, меѓутоа е многу силна. Се надевам дека ќе одиграме тимски и ќе дадеме се од себе. Верувам во успех“, рече Јакимовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА